ПРЕМИЕРА: Ford ја претстави најновата, четврта генерација на Focus! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford ја претстави најновата, четврта генерација на Focus!

Пред само неколку моменти, Синиот Овал ја претстави најновата генерација на Focus – и го најавуваат како најиновативниот, најдинамичен и највозбудлив Ford на сите времиња!

Со новиот Focus, Ford ја следи патеката која ја исцрта со Fiesta – а тоа значи дека уште на самиот старт новиот автомобил ќе се нуди во неколку различни верзии – меѓу кои и спортската ST-Line, луксузната Vignale и кросовер-верзијата Active.

Новиот Focus доаѓа и со цел грст нови технологии – меѓу другото, Focus добива и адаптивен темпомат со Stop & Go систем за целосно запирање во таканарачен тргни-застани сообраќај, систем за препознавање на сообраќајните знаци, систем за следење на текновната коловозна лента, и многу повеќе. Focus добива и адаптивно предно осветлување кое во соработка со GPS системот и околните сообраќајни знаци ги „подготвува“ светлата за следниот свиок, раскрсница или кружен тек. Focus ќе биде и првото Ford возило во Европа кое ќе добие Head Up Дисплеј, а секако неизбежни се и другите системи за безбедност и асистенција.

Дизајнот на новиот Focus е еволуција на тековниот дизајнерски јазик на Ford – па новиот автомобил изгледа модерно и привлечно. ST-Line добива спортски детали, Vignale се концентрира на луксузот, а Active на робустноста. Но она што е заедничко за сите верзии е комфорот и просторноста – новиот автомобил е најаеродинамичен во класата, а тоа ветува одлична рафинираност и намалена потрошувачка. Просторната понуда е зголемена – тоа се должи и на меѓуоскиното растојание кое е зголемено за повеќе од 5 сантиметри, а кабината до 6 сантиметри поширока.

Во Европа Focus ќе се нуди со два турбо-бензински и два турбодизел мотори во неколку различни изведби. Добро-познатиот 1-литарски EcoBoost ќе се нуди со 85, 100 или 125 коњски сили, а нов 1.5-литарски EcoBoost ќе може да се добие со 150 или 180 коњски сили. Поголемиот мотор доаѓа со технологија за деактивација на цилиндри. Доколку сакате турбодизел, тука се EcoBlue верзиите на 1.5-литарскиот и 2-литарскиот TDCi. Помалиот мотор ќе се нуди со 95 и 120 коњски сили, додека поголемиот мотор нуди 150 коњски сили и 370 Nm вртежен момент.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот Mustang Shelby GT350 има 810 коњски сили!

Со новиот Focus, Ford во Европа го воведува и FordPass системот. Со ова, автомобилот станува мобилен WiFi hotspot и нуди можност за поврзување до 10 уреди. FordPass овозможува и известувања за навигацијата во реално време, а со FordPass апликацијата возачите ќе можат лесно да го пронајдат својот автомобил на голем паркинг, или пак да добијат дополнителни информации за своето возило – на пример, ниво на гориво, или пак од далечина да го отклучат или заклучат возилото. Focus го добива и новиот SYNC3 мултимедијален систем кој овозможува Android Auto и Apple CarPlay поврзување, безжично полнење на мобилни уреди, а може да се добие и B&O Play аудио систем со мал милион звучници и вкупна моќност од 675 вати!

Наскоро го очекуваме новиот Focus и кај нас!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.