ПРЕМИЕРА: Volkswagen во Пекинг официјално го претстави новиот Touareg – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen во Пекинг официјално го претстави новиот Touareg

По долгата најава, германскиот производител конечно ја претстави најновата, трета генерација на големиот Touareg.

Новиот Touareg не само што е поголем, поширок и понизок од својот претходник, туку е поставен на целосно-нова платформа – големиот SUV на Volkswagen ја користи истата платформа изградена од алуминиум и супер-цврст челик која се користи за Bentley Bentayga, Audi Q7 и новиот Porsche Cayenne. Новата платформа овозможува и намалување на тежината за цели 106 килограми во однос на минатиот модел.

На самиот старт, во Европа Touareg ќе се нуди со две изведби на 3-литарскиот TDI на Volkswagen – едната со 230, другата со 285 коњски сили. Понатаму во понудата ќе биде додаден и 335-коњски V6 бензинец, а се очекува и 365-коњски плаг-ин хибрид кој од самиот старт ќе се нуди во Кина.

Инаку, дизајнот е баланс меѓу еволуција и револуција – познавачите веднаш ќе го препознаат Touareg како Volkswagen, но со многу нови детали. Луѓето од Volkswagen се особено горди на IQ Light LED предните светла кои се „претопуваат“ во предната маска на ладилникот.

Кабината на Touareg ги добива сите нови технологии на Volkswagen – но има и неколку новитети. Најважна е Innovision Cockpit извведбата на двата огромни екрани кои функционираат како еден. Ќе забележите дека има многу малку физички прекинувачи – и навистина изгледа интересно поврзувањето меѓу 12-инчниот панел пред возачот со 15-инчниот дисплеј поставен на централната конзола.

Секако – тука се и сите модерни технологии – Night Vision систем кој користи термална камера, Roadwork Lane Assist систем кој може самиот да управува, забрзува и запира при брзини до 50 километри на час, управување на сите четири тркала, системи за стабилизација, хед-ап дисплеј и уште многу, многу повеќе.

Ниту просторот кој го нуди Touareg не е за потценување – всушност, благодарение на зголемените димензии и паметното „пакување“, Touareg покрај просторот за возачот и патниците, ќе понуди и дури 810 литри багажен простор – зголемување за околу 115 литри во однос на минатиот модел.

Поврзано:  Светска премиера на новите Volkswagen Transporter и Caravelle

Сето ова ветува многу – големиот SUV на Volkswagen е популарен на сите пазари каде се продава, и сигурни сме дека истиот тренд ќе продолжи и понатаму.

Галерија

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.