Со новиот Le Fil Rouge концепт кој го претстави во Женева, корејскиот производител се обидува да ги соедини своите минати, сегашни и идни дизајни.
Со новиот концепт, Hyundai ја претставува својата нова насока која ја нарекува Sensuous Sportiness – и оваа насока ќе се користи кај сите идни модели на брендот. Според нив, целта е да се создаде „емотивна вредност и посакуваност, и истовремено да се постигне хармонија меѓу пропорциите, архитектурата, стајлингот и технологијата.“
Според Luc Donckerwolke – одговорниот за дизајн во Hyndai, и човек кој зад себе има неколку добро-познати дизајни – „Le Fil Rouge е реинтерпретација на дизајнерската ДНК на Hyundai, гради врз нашата историја на креирање засебни спортски карактери во нашите возила и ќе отвори нова ера за дизајн во Hyundai.“
Дизајнот на Le Fil Rouge го карактеризира таканаречениот „Златен Пресек“ – односно однос меѓу две величини. Идеалните пропорции се постигнати преку долго меѓуоскино растојание, големи тркала и кратки надвисоци. И мораме да се согласиме – концептот навистина изгледа привлечно и модерно. Ваквиот пристап кон дизајнот секогаш бил полн погодок.
Со оглед на тоа како изгледа Le Fil Rouge (преведено, значи Црвена Жица, или Црвена Линија, како сакате), со нетрпение ги очекуваме идните модели на Hyundai.