Porsche го освежи 911 GT3 RS – Атмосферецот останува, сега има 520 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche го освежи 911 GT3 RS – Атмосферецот останува, сега има 520 коњски сили!

По краткотрајните најави, Porsche го претстави и освежениот 911 GT3 RS – за кој се шпекулира дека ќе биде последниот 911 со атмосферски мотор.

Меѓу најважните новитети во Женева – барем меѓу ентузијастите – секако ќе биде и освежениот 911 GT3 RS. За среќа, атмосферецот останува – па сега 4-литарскиот шест-цилиндерски боксер развива дури 520 коњски сили – 20 повеќе од порано. Силата се пренесува кон задните тркала преку специјално-калибриран PDK автоматски менувач со двојна спојка, а перформансите зборуваат за себе – 3.2 секунди „до стотка“ и максимални 312 километри на час.

Освежен е и ликот на 911 GT3 RS – па ќе забележите изменет преден браник со поголем спојлер, нови странични прагови, освежени задни светла и поголеми отвори за воздух. Нов е и поклопецот на моторот со интегрирано трето стоп светло, а нови се и 20, односно 21-инчните супер-лесни тркала. Сите измени во аеродинамиката резултираат со двојно повеќе потисок при 200 километри на час од „обичниот“ 911 GT3.

Кабината добива карбонски седишта и управувач обвиен во Алкантара, супер-лесни тапацири на вратите и олеснето задно стакло. Задните седишта – секако – се извадени, а изваден е и материјалот за акустична изолација. Купувачите ќе можат бесплатно да го додадат Clubsport пакетот кој вклучува рол-бар, тркачки безбедносни ремени, противпожарен апарат и подготовки за прекинувач за исклучување на акумулаторот. Со сите измени, 911 GT3 RS тежи само 1430 килограми.

Нарачките се веќе започнати – првите примероци ќе бидат испорачани во Април, а цените во Германија ќе започнуваат од нешто ситно над 195.000 евра.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Кога „златната средина“ има 690 коњски сили - претставен Porsche Taycan GTS

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.