Ајде да зборуваме малку за WLTP – новиот стандард по кој ќе се мери потрошувачката на новите возила, и со кој ние би требало да имаме значително пореални бројки за потрошувачката на гориво.
Што е WLTP?
Кратенката WLTP е всушност името на новиот тест за мерење на потрошувачката – Worldwide Light Vehicle Test Procedure. Новиот стандард ќе се користи за мерење на потрошувачката на сите бензински, дизел, хибридни и електрични возила.
Најважен новитет кај WLTP е дека нема да се заснова само на (не-баш-реални) лабораториски тесирања, туку ќе се прави и тестирање во реални услови. Според креаторите на WLTP, ова ќе биде прв пат да се прават глобални тестови на потрошувачката на вистински патишта.
Во ред, какво е новото WLTP тестирање?
Новите тестови мерат потрошувачка, но и емисија на CO, CO2, NOX и партикулати по маса и бројност (PM и PN). Тоа и не е толку различно – но различна е методологијата. Старите NEDC тестови се навистина стари – не се изменети веќе скоро 20 години, а се користат од 1980-тите години – и токму од таму потекнуваат критиките дека не се реални и валидни. Со новите тестирања се очекува официјалните бројки за потрошувачка да пораснат некаде околу 20% – со што би се приближиле до реалните резултати.
WLTP тестовите ќе се прават во лабораторија, но и во вистински услови. За разлика од NEDC, за WLTP се користат повисоки брзини (односно, поблиску до реалните), поголеми дистанци и вклучено е и подинамично возење со поголемо оптеретување на моторот – сè со цел да биде поблиску до реалните услови на возење. Новитет е и Real Driving Emissions (RDE) тестот кој вклучува прикачување на опрема на издувниот систем на автомобилот со цел да се измери вистинската емисија на штетни гасови во услови на возење. Системите – кои се нарекуваат Portable Emissions Measurement System (PEMS) – ќе се користат да се следат емисиите на штетни гасови и тие ќе мораат да бидат под претходно-поставени граници.
А што е со електричните возила и плаг-ин хибридите?
Истите процедури ќе бидат валидни и за ваквите возила, па очекувајте и нивните официјални бројки за потрошувачка да се зголемат. Со воведување на WLTP, плаг-ин хибридите ќе се тестираат на нов начин – односно, ќе се тестираат неколку пати. Ќе започнат со полна батерија, и ќе се повторува тестот сè додека таа не се испразни. Потоа, автомобилот ќе се тестира и со празна батерија, за да се дознае вистинската потрошувачка на фосилни горива. Резултатите ќе бидат разгледани и ќе бидат пресметани и ќе бидат објавени официјални податоци околу потрошувачката.
Сето ова звучи интересно и користно – кога ќе се воведе WLTP?
Сите нови возила кои сега се подготвуваат за лансирање веќе мораат да ги задоволуваат WLTP правилата – но воведувањето на WLTP тестирањата ќе биде во неколку фази. Лабораториското тестирање ќе мора да се изврши на сите автомобили кои ќе се продаваат од 1ви Септември оваа година, а RDE тестирањето во вистинско возење ќе биде обврзувачко од 1ви Септември 2019.
За да имаме одреден период на навикнување, старите NEDC бројки ќе се користат паралелно до 2020, а потоа WLTP ќе стане единствен стандард за пријавување на официјалните податоци.