Пред неколку седмици беа објавени финалистите, а сега и официјално е прогласен овогодинешниот добитник на титулата Autobest – која оди кај Citroën C3 Aircross!
Citroën C3 Aircross ја освои титулата AUTOBEST 2018 за Best Buy Car of Europe 2018, односно автомобил кој нуди најмногу за својата цена. Со вкупно 1.423 бода, C3 Aircross се избори за првото место со комфорни 121 бод предност пред Opel Grandland X. Volkswagen T-Roc стана трет со вкупно 1.205 бода, а во финалното рангирање следат Seat Ibiza, Ford Fiesta и Honda Civic.
Како што Citroën C3 беше избран во 2003 од страна на Autobest, новиот компактен SUV Citroën C3 Aircross се истакна над конкурентите и се наметна на ова седумнаесетто издание на доделување на награди, благодарение на оригиналниот изглед, неговиот силен и моќен карактер и свежината што ја донесува во сегментот. Новиот компактен SUV Citroën C3 Aircross е претставник на светската офанзива на марката со веќе заведени повеќе од 30.000 нарачки во Европа. Ги воодушевува клиентите со пространоста, генијалноста, модуларноста и осветленоста.
„Задоволство ми е да ѝ честитам на Линда Џексон и нејзиниот менаџерски тим за освојувањето на AUTOBEST 2018 титулата. Пред ваква конкуренција C3 Aircross се покажа како шампион, убедувајќи ги членовите на жирито дека е вистинскиот избор за ова издание. Ова исто така е и нова победа за SUV моделите која уште еднаш ја докажува способноста на жирито не само да ги следи случувањата на пазарот, туку и да ги открие трендовите, давајќи им на европските потрошувачи вистински водич за купување автомобили што се погодни за утрешнината!“ – рече Илиа Селиктар, претседателот на жирито.
„Во ретка ситуација во историјата на AUTOBEST, годинава имавме 6 нови модели кои се натпреваруваа за Best Buy Car of Europe титулата. Конкуренцијата беше жестока – сите 6 автомобили ги заслужуваат нашите честитки! Citroën C3 Aircross оствари значајна победа и стана европски шампион! Доаѓајќи од членовите на жирито на толку многу земји на нашиот континент, резултатот е релевантен на европско ниво. Тоа е исто така јасен резултат на новиот пат на Citroën базиран на храбри стратегии, нова гама и јасен идентитет на брендот “ – изјави Дан Варди, основачот и претседател на AUTOBEST.
Дополнително, годинава се доделени уште неколку признанија – и тоа MANBEST, COMPANYBEST и SPORTBEST, кои се објавуваат заедно со AUTOBEST титулата, а веќе беа објавени и SMARTBEST, SAFETYBEST, DESIGNBEST и ECOBEST признанијата.
MANBEST 2017 наградата се доделува на г-дин Ли Шуфу, основач и претседател на групацијата Geely Holding. Тргнувајќи од скромно кинеско село, претседателот Ли изгради импресивна автомобилска група, интегрирајќи брендови како Volvo Cars, Proton, Lotus, London Taxi и лансирајќи со брендот Lynk & Co еден револуционерен пристап во автомобилската индустрија. Неодамна тој го комплетираше преземањето на перспективната компанија за летачки автомобили Terrafugia. Г-дин Ли е одличен пример на визионер во автомобилската индустрија, докажувајќи дека некој може да успее имајќи вистинска стратегија и решеност.
COMPANYBEST 2017 наградата отиде кај Jaguar Land Rover. Taa претставува признание за неверојатниот пат на британската компанија под водство на д-р Ралф Шпет и неговиот менаџерски тим. Откако Tata Motors го презеде JLR, компанијата со голем успех воведе извонредни и глобално привлечни нови модели на Jaguar, Land Rover и Range Rover. Таа не само што направи пресврт на финансиски план, туку со остварената профитабилност по возило стана и репер во автомобилската индустрија. Последно, но не и најмалку важно, во овие сложени времиња предизвикани од Брегзит, JLR се покажа како најдобар британски корпоративен работодавец, потврдувајќи ја посветеноста на Велика Британија, зголемувајќи го бројот на вработени и континуирано инвестирајќи во истражувања и развој.
Фриц Енцингер, потпретседател на Porsche LMP1, е освојувач на SPORTBEST 2017 наградата. Австриецот веќе беше доста почитуван менаџер во мотоспортот. Неговата кариера вклучуваше и титули во Формула 1 со Williams-BMW и Sauber-BMW, пред да биде повикан од Porsche да ја постави Le Mans Prototype програмата во 2011 година. Под негово водство е развиен хибридниот Porsche 919 кој во 2014-та дебитираше на светскиот шампионат за издржливост, освојувајќи ја финалната трка во Сао Паоло во својата прва сезона. Во следните WEC сезони Porsche доминираше со три победи на 24 часа Ле Ман – во 2015, 2016 и 2017 година, а во 2019-та стана севкупен победник на серијата. После 34-те трки на прототипот 919, Енцингер може да се гордее со 20-те пол-позиции, 17-те победи (од кои 7 двојни) и 6-те светски титули.
Извор: Autobest