ТЕСТ: Ford Mondeo 1.5 TDCi 120 Business – Комфорна економичност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Mondeo 1.5 TDCi 120 Business – Комфорна економичност!

За да ги разбиеме стереотипите околу големи автомобили со мали мотори поминавме неколку дена со новиот Ford Mondeo и неговиот 1.5-литарски турбодизел со 120 коњски сили.


Ford Mondeo не ни е непознат автомобил – по можноста премиерно да го запознаеме во Грција, па потоа да го возиме и шампионскиот автомобил со кој Mondeo ја освои титулата Автомобил на Годината во Македонија, сега имавме можност да ја возиме неговата „основна“ верзија – Ford Mondeo во Trend ниво на опрема и Business пакет придвижуван од 1.5-литарски TDCi турбодизел со 120 коњски сили.

Добро познат лик со модерен и привлечен дизајн

Веќе добро го познаваме Mondeo – големиот германски седан почнува да станува редовен на нашите улици, но мораме да признаеме дека сè уште изгледа добро – особено предниот дел и неговиот динамичен, дури Aston Martin-овски лик. Инаку – приказната е веќе добро-позната: класична седан-форма дополнета со остри и чисти линии – и во оваа изведба – петта врата која значително ја подобрува практичноста. Со ова ниво на опрема, Mondeo доаѓа со 16-инчни фелни кои навистина изгледаат малку премали – но доколку сакате поголеми, секогаш можете да ги нарачате.

Комфорен и просторен ентериер, каде доминира големиот SYNC 3 мултимедијален уред

Како и екстериерот, така и ентериерот на Mondeo ни е веќе познат – преовладуваат едноставни и функционални решенија, ергономијата е одлична и лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – нешто што е особено важно со оглед на димензиите на Mondeo. На централната конзола доминира големиот, 8-инчен SYNC 3 мултимедијален уред кој вклучува навигација, Bluetooth поврзување со мобилен телефон, можност за Apple CarPlay и Android Auto функционалности, и уште многу, многу други „ситници.“

Седиштата – иако се основните кои можат да се добијат – се комфорни и нудат сосем доволно поддршка. Во кабината има доволно места за одлагање ситници, а на задната клупа комфорно ќе се сместат и тројца патници.

Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“

На располагање ќе имате 550 литри багажен простор, достапни преку екстремно-практична петта врата. Ова го прави внесувањето и изнесувањето на вашиот багаж – па дури и ако имате поголеми предмети – навистина лесно. Ако ние се прашуваме – сите седани би требало да се нудат вака.

Исклучително економичен 1.5-литарски турбодизел!

Сега веќе доаѓаме до можеби најважниот дел од нашето дружење со Mondeo – неговиот 1.5-литарски TDCi турбодизел кој испорачува 120 коњски сили при 3600 вртежи во минута и 270 Nm вртежен момент достапни од 1750 вртежи во минута. Овој мотор му овозможува на големото Mondeo да забрза до 100 километри на час за 11.3 секунди и да постигне максимални 192 километри на час. Секако, тоа не се перформанси за кои ќе се пишуваат песни, но се сосем адекватни за големиот седан, а забрзувањата се поуверливи кога ќе започнете да се движите и ќе „одржувате темпо“.

Од друга страна, потрошувачката на гориво е навистина импресивна – низ улиците на нашиот главен град измеривме потрошувачка која се движеше во рангот од 6.3 до 6.7 литри на 100 километри, а на отворено, доколку се држите до законските ограничувања можете да очекувате потрошувачката едвај да го надмине прагот од 5 литри на 100 изминати километри.

Mondeo е меѓу најдинамичните во класата

Како што и очекувавме, Mondeo продолжува да биде комфорен, тивок и рафиниран сопатник, и притоа има динамичност во возењето која ретко кој од конкурентите може да ја понуди. На отворен пат дури и на повисоки брзини ќе можете лесно да разговарате со сопатниците.

Благодарение на „месестите“ пневматици, возењето по нашите улици е мирно, а во кабината не се пренесуваат никакви несакани вибрации – ова ќе им биде од особено значење на оние кои сакаат да уживаат во комфорното и мазно возење. Мануелниот менувач со 6 степени на пренос е прецизен и лесен за користење. Секако, секогаш ќе има луѓе кои ќе одберат автоматски менувач, но мануелниот менувач не е за потценување.

Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“

Што сè вклучува Business пакетот?

Пред да заокружиме, да зборуваме малку и за Business пакетот кој се нуди со Mondeo. Дел од Business пакетот е веќе-споменатиот 8-инчен SYNC 3 уред кој доаѓа со навигација, Bluetooth поврзување, и многу друго – а ќе добиете и предни и задни паркинг сензори, систем за загревање на ветробранското стакло, 16-инчни алуминиумски фелни и уште многу други ситници. Секако, Mondeo доаѓа и со автоматски клима уред, електрично задвижување на прозорците и нагодување на страничните ретровизори, електронска паркинг-кочница, деллива задна клупа, цел грст на воздушни перничиња и системи за активна и пасивна безбедност, и уште многу, многу повеќе.

Дали ги разбиваме стереотипите?

Дали ги разбиваме стереотипите за големи автомобили со мали мотори? Секако! Не само што 1.5-литарскиот TDCi турбодизел сосем добро го задвижува големиот седан, туку е и исклучително економичен – а сето тоа ја прави оваа комбинација навистина привлечна. Mondeo е меѓу најдобрите автомобили во класата, а ситните освежувања, економичниот турбодизел и опремата од Business пакетот го прави уште поинтересен за нашите купувачи – особено по цената по која се нуди.

  • 1.5-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 120 коњски сили / 3600 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 270 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 192 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.3 секунди
  • Должина: 4871 mm
  • Ширина: 2121 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1482 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2850 mm
  • Тежина: 1419 kg
  • Багажен простор: 550 литри
  • Потрошувачка: 6.5 (измерена, градска), 5.1 (измерена, на отворено)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Mondeo 1.5 TDCi Business – 22.490 Евра
  • Повеќе информации: Ford.mk

Фотографија: Дејан Маликовски

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.