Chevrolet во Шангај го претстави спортскиот трансформер наречен FNR-X – кој целосно се прилагодува кон подлогата по која се вози.
Иако изгледа како кросовер, концептот е многу повеќе од тоа – а нам ни изгледа како да е прилично блиску до сериско производство. FNR-X нуди иновативна активна суспензија која автоматски ја прилагодува оддалеченоста од подлогата во зависност од условите на возење.
Двата режими на возење V (Versatility) и S (Sport) ја нагласуваат повеќестраноста на концептот, додека активните аеро елементи ја зголемуваат економичноста или перформансите. Предните и задните спојлери заедно со страничните прагови ја менуваат својата позиција нагоре или надоле во согласност со одбраниот режим.
Тука се и активни затварачи во предната решетка со ротирачки перки кои автоматски се прилагодуваат за да го намалат отпорот на воздух при високи брзини. Страничните камери поставени наместо големите ретровизори дополнително ја подобруваат аеродинамиката на возилото.
Вратите кои се отвараат во спротивна насока една од друга и недостатокот на Б-столб даваат непопречен пристап кон пространата кабина опремена со OLED амбиентално осветлување за пријатна атмосфера. Мултимедијалниот систем на централната конзола е во форма на хексагонален екран на допир, а тука се и многу други дисплеи на инструмент таблата. Физичките контроли се сведени на минимум како кај сите модерни концепти.
Моделот располага и со паметен систем за навигација кој може да ги предвиди условите на патот и да го прилагоди целото возило според тоа. Оптичките и акустичните сензори работат заедно со комплекен систем за асистенција на возачот за да му дадат на возилото некое ниво на автономни возачки способности.