Врвниот модел на Mercedes-Benz – големата S-Class – го доби своето освежување, а со тоа и дискретно освежен дизајн и грст нови технологии и мотори!
Освежениот знаменосец на Mercedes-Benz ќе пристигне во европските салони во Јули, но веќе ги имаме сите податоци за освежената S-Class која добива новите технологии, нови мотори и сега е чекор поблиску до целосно-автономно возење. Всушност, според Ola Kallenius од Mercedes-Benz, развојот на освежената S-Class е екстремно екстензивен, и со новите можности S-Class останува технолошки пионер.
Сега S-Class доаѓа со изменета маска на ладилникот, нови браници и нови Multibeam LED светла како и нови LED светла на задниот дел, како и мал милион други измени и доработки. Новите браници имаат пошироки отвори за воздух, а новите задни браници се со редизајнирана форма и ја истакнуваат големината и луксузноста на автомобилот. Купувачите добиваат и седум целосно нови дизајни на тркалата – кои се движат во големини од 17 па сè до 20 инчи.
Во кабината освежената S-Class добива нови дисплеи со висока резолуција и дијагонала од 12.3 инчи. Двата дисплеи се под заедничка стаклена покривка и ја нагласуваат „хоризонталноста“ на ентериерот. Новитет се и контролите на управувачот кои се чувствителни на допир, и реагираат на „лизгачки“ движења како кај паметните телефони. Со новата S-Class, Mercedes-Benz воведува и нова генерација клучеви за автомобилот.
Во однос на погонските единици – кај новата S-Class дебитираат и новите линиски шест-цилиндерски мотори на брендот. S350d 4Matic и S400d 4Matic го добиваат истиот 3-литарски линиски турбодизел со шест цилиндри кој испорачува 286 коњски сили и 600 Nm кај едната верзија, односно 340 коњски сили и 700 Nm кај другата. Секако, погонот е на сите четири тркала, преку автоматски менувач.
Кај бензинците се истакнува новиот S560 4Matic кој користи нов битурбо V8 кој нуди 470 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Според инженерите на Mercedes-Benz ова е еден од најекономичните V8 бензински мотори во светот и користи 10% помалку гориво од својот претходник. Дел од стратегијата за намалување на потрошувачката е можноста за деактивација на цилиндрите – во одредени ситуации четири од осумте цилиндри може да бидат исклучени благодарение на CAMTRONIC системот. Понатаму, S-Class ќе добие и нови линиски шест-цилиндерски бензински мотори, како и Plug-in хибридна верзија со електрична автономија од 50 километри. Свое деби имаат и новиот 48-волтен Стартер-Алтернатор и новиот електричен компресор.
Како што напоменавме – освежената S-Class сега е чекор поблиску до целосно автономно возење. Ова се должи на надградениот Mercedes-Benz Intelligent Drive систем. Новиот систем за асистенција вклучува DISTRONIC Active Proximity Assist, Active Steer Assist, Active Lane Change Assist, Active Emergency Stop Assist и Active Traffic Sign Assist (многу, многу активни работи). Купувачите ќе можат да го добијат и Remote Parking Assist системот кој ќе им овозможи да го маневрираат возилото во тесни паркинг места од далечина преку нивниот паметен телефон.
S-Class добива и систем за контра-навалување во свиоци, кој му овозможува на големиот седан да се „навали“ во обратната насока од свиокот за 2.65 степени и со тоа ќе ги намали центрифугалните сили кои патниците ги забележуваат. Патниците добиваат и Concierge услуга, мултифункциска телефонија, како и освежен Burmeister 3D аудио систем со моќност од дури 1520 вати.
За оние кои сакаат уште повеќе моќност од моторите, тука се AMG изведбите во форма на Mercedes-AMG S63 4Matic+ и големиот S65. S63 добива нов 4-литарски битурбо V8 кој нуди 612 коњски сили и 900 Nm вртежен момент. Со овој мотор големито седан забрзува до 100 километри на час за само 3.5 секунди. Стариот 7-брзински менувач е заменет со нов AMG Speedshift MCT 9-брзински спортски менувач. Моторот кај Mercedes-AMG S65 останува истиот огромен V12 турбо-бензинец кој продолжува да испорачува 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент.
Мајко мила.