Втората генерација на „средниот“ SUV на Audi пристигна и кај нас, а ние имавме можност да поминеме викенд со најверојатно најпопуларната комбинација на новиот Q5!
Првата генерација Q5 беше успешна приказна за Инголштад – глобален модел во скоро секој поглед, првиот Q5 се продаваше ширум светот и најде многу, многу купувачи (односно, нешто повеќе од 1.6 милиони!). Кога конечно дојде време Audi да ја замени првата со втората генерација, инженерите немаа многу простор за маневрирање – едноставно, Q5 треба да биде во врвот на сегментот и да понуди идеална комбинација од неколку различни параметри.
Во денешниот свет, тоа може и да не биде доволно – конкуренцијата (како онаа од Европа, така и онаа од далечниот исток) е навистина моќна, докажана и компетентна. Токму во овој свет на премиум автомобили се бори новиот Q5 – и токму во овој свет, аргументите треба да бидат навистина силни.
Приказната за новиот Q5 започнува со MLB Evo модуларната платформа која се користи и кај Q7
Како започнува приказната за новиот Q5? Како основа е искористена одличната модуларна MLB Evo платформа која веќе се користи кај големиот Q7, но во малку скратена форма. MLB Evo платформата и користењето на лесни материјали дозволува намалување на тежината за не-баш-незначителни 90 килограми во однос на моделот кој замина во пензија – а сето тоа се рефлектира позитивно на потрошувачката, управливоста и возната динамика.
Околу платформата е изградена каросерија која на прв контакт наликува на Q5 од минатата генерација – но погледнете повнимателно и ќе откриете дека всушност има многу нови нешта кај новиот автомобил. Еволуцијата започнува во пропорциите, и предниот дел веќе не е толку предолг како што беше кај претходникот. На предниот дел доминира маска која наликува на големиот Q7, а на задниот дел забележуваме „здрава“ еволуција на дизајнот. Да – новиот модел наликува на стариот, но по само неколку минути разликуте стануваат забележителни и очигледни. Во нашите очи, направен е голем чекор напред – само треба да бидете внимателни со изборот на боја и да изберете (доволно) големи фелни за сликата да биде комплетна.
Ентериер типичен за Audi – одлични материјали и врвна завршна обработка.
Ентериерот во новиот Q5 е токму она што го очекувате од Audi – одлични материјали, врвна завршна обработка и ергономија на завидно ниво. Ние најверојатно не би одбрале светла боја на материјалите во ентериерот, но инаку – немаме замерки. Лесно се наоѓа кофморна и прегледна возачка позиција, сите команди се јасни и лесни за користење, а инструментите се лесно читливи и разбирливи – единствено не ни се допаѓа дисплејот од мултимедијалниот уред кој веќе нема опција за вовлекување во централната конзола. Седиштата се комфорни (иако можеби малку цврсти) и на подолги релации, па возењето воопшто не е заморно.
На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца патници, а по потреба и тројца. Имајте во предвид дека заради Quattro погонот на сите четири тркала и тунелот потребен за пренос кон задните тркала, на патникот на средината на задната клупа можеби нема да му биде баш најкомфорно. На располагање имате меѓу 550 и 610 литри багажен простор, во зависност од позицијата на задните седишта – достапни преку правилен и голем отвор. Во багажниот простор има дополнителни места за одлагање ситници, како и кукички за фиксирање на она што го носите.
2-литарскиот TDI нуди 190 коњски сили и 400 Nm – доволно за „стотка“ за 7.9 секунди и максимални 218 километри на час
Го стартуваме моторот и 2-литарскиот TDI се буди. „Нашиот“ тестен модел има на располагање 190 коњски сили при 3800 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент достапни од 1750 до 3000 вртежи во минута. Моќноста се пренесува кон сите четири тркала преку S-Tronic менувач со двојна спојка и Quattro систем за погон на сите четири тркала. Сето ова резултира со „стотка“ за 7.9 секунди и максимални 218 километри на час – респектабилни перформанси за SUV кој тежи околу 1800 килограми! За време на нашето тестирање ние измеривме потрошувачка од околу 8 литри дизел гориво на 100 километри.
Започнуваме да се движиме – и низ град Q5 одлично се соочува со предизвиците. Во ред, ова не е мал автомобил – новиот Q5 е долг 4663 милиметри, широк 2140 милиметри (со страничните ретровизори) и висок 1659 милиметри – но маневрирањето е лесно благодарение на големите стаклени површини и системите за асистенција. Едноставно, го ставаме менувачот во D и уживаме во леснотијата на возењето. Низ град S-Tronic менувачот одлично си ја врши работата и скоро незабележително ги менува брзините, а доколку го префрлите менувачот во спортскиот режим на работа неговиот карактер се менува и подготвено „ги задржува“ брзините на повисоки вртежи.
Напуштете ги градските средини и Q5 настапува самоуверено и подготвено. Возењето на отворен пат е лесно – дури и при повисоки брзини. Звучната изолација е (очекувано) одлична, а моторот и менувачот одлично соработуваат. Кога ќе имате потреба да претекнете поспоро возило, само притиснете ја педалата за гас до крај, менувачот веднаш ќе „спушти“ две-три брзини и ќе се катапултирате нанапред. Всушност, новиот Q5 е одлично место за „џвакање“ километри – каде и да сте.
Инаку, новиот Q5 ги следи насоките кои ги поставуваат сите други тековни модели на брендот – управувањето е директно и прецизно, но без премногу повратни информации од подлогата. Скоро во сите ситуации големиот SUV се однесува неутрално, а Quattro погонот дава чувство на безбедност и компетентност во сите ситуации. Во услови на „крстарење“, Quattro погонот го деактивира преносот кон задните тркала за да ја намали потрошувачката на гориво – но во оној момент кога ќе забележи дека е потребно, веднаш повторно го активира.
Многу опрема, но можете да направите и „мал Q7!“
Нашиот тестен модел дојде во Design ниво на опрема, а тоа значи Xenon светла, LED задни светла, Audi Drive Select, Audi Pre-Sense + Pre-Sense City, Audi MMI со 8 звучници, Bluetooth конекција, седишта обвиени во кожа, загревање на седиштата, темпомат, асистенција за долги светла, автоматско затемнување на внатрешниот ретровизор, автоматски клима уред, паркинг сензори и камера и уште многу, многу други ситници. Дополнително, доколку сакате – кај новиот Q5 можете да ги добиете сите „играчки“ како и кај големиот Q7.
EuroNCAP неодамна го тестираше новиот Q5, каде германскиот SUV освои максимални пет ѕвездички, и посебно беше истакнат Audi Pre-Sense City системот за автономно кочење кој е дел од стандардната опрема на сите примероци на Q5 продадени во Европа.
Новиот SUV на Audi е подготвен да одговори на предизвикот од конкуренцијата!
Новиот Q5 е токму она што очекувавме да биде – комфорен, практичен и одлично изработен премиум SUV. Дволитарскиот турбодизел нуди идеална комбинација од моќност и економичност, а S-Tronic менувачот го прави возењето лесно. Со новиот Q5, Audi продолжува онаму каде застана – но со забележителни подобрувања и грст нови технологии. Како што напоменавме – конкуренцијата е силна, но новиот SUV на Audi е подготвен да одговори на предизвикот, и е многу повеќе од само „златна“ средина меѓу малиот Q3 и големиот Q7!
- Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Менувач: Автоматски S-Tronic со двојна спојка
- Моќност: 190 коњски сили / 3800 вртежи во минута
- Вртежен момент: 400 Nm / 1750 – 3000 вртежи во минута
- Максимална брзина: 218 км/час
- Забрзување 0-100: 7.9 секунди
- Должина: 4663 mm
- Ширина: 2140 mm со странични ретровизори
- Висина: 1659 mm
- Тежина: 1845 kg (со возач, багаж и 90% полн резервоар)
- Меѓуоскино растојание: 2819 mm
- Багажен простор: 551 – 610 литри
- Потрошувачка на 100 км: 5.3 литри (официјална, комбинирана) 7.5 литри (измерена, комбинирана)
- Цена на тестираниот модел: Audi Q5 Design 2.0 TDI Quattro S-Tronic – 63.822 Евра
Повеќе информации: AUDI.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски