Луксузниот хибриден теренец на Lexus е вистинска алтернатива во својот сегмент – а ние поминавме неколку дена со него за подобро да го запознаеме.
Премиум-брендот на Toyota не само што се обидува, туку успева да наметне некои сопствени правила во играта на луксузни автомобили. Јапонците решија дека едноставно нема да се впуштаат во борба со етаблираните германци и нивната дизел-доминација, туку дека ќе понудат алтернатива не само во начинот на кој автомобилот ќе се движи, туку и како тој ќе изгледа.
Реакциите за дизајнот на NX не се секогаш позитивни, но нам ни изгледа одлично, фраерски!
Да – неминовно мораме да зборуваме за дизајнот на Lexus NX. Кога NX се појави на пазарот пред неколку години, не можевме да останеме рамнодушни на неговата појава и да не го искоментираме дизајнот. Во море од (во споредба) обични и „тивки“ модели, NX беше вистинска револуција – погледнете го од било кој агол и NX изгледа поинаку од било кој друг автомобил. Во ред, ги има сите оние работи што секој автомобил ги има (четири тркала и некои предефинирани форми), но NX едноставно се истакнува меѓу конкурентите. Реакциите не се секогаш универзално позитивни, но нам ни изгледа одлично – ни се допаѓаат агресивните предни светлосни групи, широката „предатор“ маска и прекршените линии кои завршуваат со задните светлосни групи и нивната изразено тродимензионална форма. Браво!
Кабината на NX е подеднакво различна. Кога ќе ја отворите вратата ќе ве пречека ентериер кој ги следи линиите на останатите модели на Lexus, особено оние на седанот IS. Ако некогаш сте седнале во било кој модел на Lexus, знаете дека можете да очекувате квалитетни материјали и беспрекорна завршна обработка – и токму тоа и го добивате.
Скоро сè што вашите прсти можат да допрат е прекриено со квалитетни материјали кои се фини на допир, а на завршната обработка можат да позавидат и значително поскапи автомобили. Особено ни се допадна аналогниот часовник кој е на средина на централната конзола.
На самиот врв на „скалестата“ централна конзола доминира големиот дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации за автомобилот, вашиот стил на возење и инфозабавните компоненти, а директно пред возачот се поставени чисти и разбирливи инструменти. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, но како последица на дизајнот, стаклените површини не се најголемите во сегментот.
Она што вреди да биде истакнато и пофалено е просторот на задната клупа. Бидејќи нема тунел за пренос кон задните тркала (за задните тркала е задолжен електромотор), на задната клупа ќе се сместат и тројца патници доколку е потребно, а ќе имаат повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главите. Отворете ја вратата од багажникот и на располагање ќе добиете 475 литри багажен простор, како и неколку дополнителни мали места за одлагање и „криење“ на ситници. Со преклопување на задните седишта, багажниот простор расте на 1520 литри.
Системска моќност од 197 коњски сили, 9.1 „до стотка“ и 180 километри на час.
Хибридниот погон кој се вградува во NX300h не ни е непознат. Всушност, ова е истиот погон што Toyota го „ќари“ за во хибридната изведба на Rav4 – а тоа значи 2.5-литарски атмосферски бензинец и пар електромотори кои соработуваат за вкупна системска моќност од 197 коњски сили. Во перформанси, тоа значи 100 километри на час за 9.1 секунда и максимални 180 километри на час.
Моќта се пренесува кон предните тркала преку CVT менувачот кој Lexus го вградува во сите свои модели, и токму тука е главната забелешка која би можеле да ја истакнеме за NX. Како што веќе знаеме од нашето неодамнешно возење на RAV4, CVT менувачот значи дека трансмисијата нема традиционални степени на пренос, туку дека има неограничено многу (или е безстепенска, како и да ви одговара) – а тоа значи дека при силно притискање на педалата за гас, моторот е секогаш на идеален број вртежи, додека менувачот го менува односот „во реално време“.
Придобивките се повеќестрани – од една страна, моторот е секогаш во идеален број на вртежи за максимална економичност, или пак за максимални перформанси. Она што е малку чудно е дека звукот не се менува при забрзување. Секако, можете и самите да ги менувате предефинираните „брзини“, но тоа не му прилега на карактерот на NX.
За време на нашето тест-возење измеривме просечна потрошувачка од околу 9 литри на 100 километри – во рамките на прифатливото, со оглед на големината и тежината (1785 килограми) на автомобилот.
Комфорен и рафиниран и без погрешни спортски претензии – токму она што го очекувавме.
По градските улици, NX е комфорен и рафиниран. Суспензијата е нешто поцврста од директните конкуренти, но возењето не е непријатно. Хибридниот погон работи без воопшто да забележите (како што и треба) и единствено кога посилно ќе ја притиснете педалата за гас забележувате некаква промена во тонот на јапонскиот SUV. Како што веќе напоменавме, прегледноста е малку ограничена, но затоа се тука сензорите за паркирање кои ја олеснуваат работата. Всушност, мораме да напомене дека NX е еден од најопуштените автомобили за движење низ град – нешто што совршено му одговара на карактерот на хибридниот погон.
На отворен пат повторно својот карактер го нагласува менувачот, но доколку се движите во рамките на дозволените брзини (па дури и дискретно да ги надминете) нема да имате проблеми. NX е комфорно и пријатно место и за подалечни патувања и самиот инсистира на опуштено и релаксирано возење.
Всушност, Lexus NX највеќе се разликува од своите директни конкуренти преку својот карактер. Прифатете го алтернативниот пристап кој Lexus го има кон нештата, заборавете на дизелскиот двобој и уживајте во беспрекорниот луксуз кој NX го нуди. Очигледно е дека филозофијата која Lexus ја има за премиумот не наметнува „брзање до целта“, туку истакнува врвна завршна обработка, врвни материјали, рафинираност и лежерност. Не очекувајте ниту спортски перформанси, ниту пак спортски карактер (сепак, ова е прилично тежок автомобил) – и ќе уживате во различниот пристап на NX.
Многу, многу играчки, одлична безбедност.
Кога на сето тоа ќе ја додадете опремата која доаѓа со NX – од Mark Levinson аудио уредот со мал милион звучници, па сè до можноста за безжично полнење на мобилен телефон, приказната за премиум SUV е целосна. Јапонците очигледно одлично разбрале дека купувачите во овој сегмент не сакаат само дизајн, туку сакаат и „играчки“, па решиле да фрлат во него скоро сè што имаат. Секако, ниту на безбедноста не е заборавено – Lexus NX ги добива сите безбедносни системи кои брендот ги има на располагање, а може да се пофали и со одлични 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.
И сега, каде е Lexus NX? Ако се прашуваме ние, Lexus секогаш нудел (и продолжува да нуди) автомобили и решенија кои се „малку лево“ од естаблишментот. Никој автомобил не е совршен, па ни Lexus NX, но доколку одлучите да малку да го измените своето гледиште кон нештата, и да прифатите дека постои и поинаков пристап кон луксузот, верувајте дека Lexus NX потполно ќе ги исполни очекувањата. И ќе изгледа страшно кул додека го прави тоа!
- 2.5-литарски атмосферски бензинец + два електромотори
- Моќност на бензинскиот мотор: 155 коњски сили
- Системска Моќност: 197 коњски сили / 5700 вртежи во минута
- Максимална брзина: 180 км/час
- Забрзување 0-100: 9. 1 секунда
- Должина: 4360 mm
- Ширина: 1869 mm
- Висина: 1646 mm
- Тежина: 1785 kg
- Меѓуоскино растојание: 2660 mm
- Багажен простор: 475– 1520 литри
- Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Lexus NX300h Luxury – 49.500 Евра
Повеќе информации: Toyota.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски