Поминавме неколку дена со новиот, фанки Citroën C3 – кој на голема врата го најавува враќањето на Citroen кон неговите несекојдневни и екстравагантни навики!
Малите градски автомобили имаат тешка задача – треба да бидат практични, комфорни, економични – и пред сè – привлечни. Конкуренцијата во овој сегмент е навистина силна – од германските и европските конкуренти, па сè до оние кои доаѓаат од далечниот исток – автомобилите во овој сегмент стануваат сè покомпетентни и поталентирани. За да успее еден мал градски автомобил да се издвои над конкуренцијата, треба навистина да понуди нешто различно.
Францускиот Citroën има докажано искуство во правење несекојдневни, различни автомобили кои успеваат да ги шармираат дури и оние најнеутралните. Во ред, ќе се согласиме дека во еден период Citroën како да ја изгуби својата насока и стана еден-од-сите-други производители, но изминативе неколку години станува очигледно дека Citroën повторно ја пронаоѓа својата самодоверба и започнува повторно да нуди модели кои се истакнуваат со својот карактер и несекојдневност.
Токму таму „влетува“ новиот Citroën C3. Малиот градски хечбек неодамна влезе во својата трета генерација и успеа да ги „извади од колосек“ своите директни конкуренти.
Зошто, ќе прашате? Па, погледнете го! Нема да најдете ниту една „обична“ линија на новиот C3. Започнувајќи од уникатната изведба на предните светлосни групи, преку лебдечкиот кров, па сè до уникатните (и навистина практични) AirBump странични заштитни панели, новиот C3 се издвојува од конкуренцијата како пожарникар меѓу доктори – едноставно, не можете да не го забележите.
Димензиите и пропорциите се идеално погодени – особено на нашиот тестен модел кој дојде со големи (за класата) 17-инчни тркала. Големите тркала идеално му прилегаат на автомобилот долг нешто помалку од 4 метри, без притоа да го нарушат комфорот.
Ни се допаѓа и изведбата на предните светлосни групи и „Robocop“ поврзувањето меѓу дневните светла. Единствен детал кој малку отскокнува од остатокот се хромираните рачки на вратите – ние би ги офарбале во иста нијанса како кровот, или пак би ги оставиле во бојата на каросеријата.
Слична филозофија за уникатност е искористена и во ентериерот. Веднаш штом ќе ја отворите вратата вниманието ќе ви го привлечат седиштата и интересните контрастни детали. Седиштата се меѓу најкомфорните во кои сме седнале – сериозно. За жал, само возачкото седиште се нагодува по висина, но тоа може и да се очекува во оваа класа. Без разлика на тоа, седиштата се навистина комфорни и седењето во нив е како седење во комфорна фотелја.
Управувачот се нагодува како по височина, така и по длабочина па лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Ергономијата е одлична – сите команди се лесно достапни и едноставни за користење, а преку централниот мултимедијален уред се контролираат најважните функции на автомобилот. Мораме да забележиме дека новиот мултимедијален уред работи значително побрзо од оној што се вградуваше во C4 Cactus – а тоа е секако за пофалба.
Во кабината вниманието ќе ви го привлечат (и задржат) многуте ситни детали – од контрастните декоративни пластики, до многуте заоблени правоаголници кои ја го пренесуваат духот од ентериерот во кабината. Некои од пластиките кои ќе ги допрете се цврсти, но се во рамките на она што е очекувано во овој сегмент. На задната клупа има место за двајца патници, а на располагање стојат 300 литри багажен простор – C3 има меѓу подарежливите багажници во класата.
Маневрирањето со C3 низ градскиот метеж е навистина лесно. Серво-управувачот е лесен и прецизен, па маневрирањето низ тесни улички и преполни паркинг-места воопшто не е тешко. Прегледноста кон задниот дел е малку ограничена, но нашиот тестен модел дојде со задни паркинг сензори и камера, па и таа забелешка лесно се надминува. Но да бидеме искрени – ова е мал автомобил, и најверојатно воопшто нема да ви требаат паркинг сензори.
Она што нè изненади е комфорот кој го нуди C3. Иако нашиот тестен автомобил дојде со веќе-споменатите 17-инчни тркала, во ниту еден момент не можевме да се пожалиме дека не ни е комфорно во кабината. Суспензијата одлично ги впива нерамнините од нашите „тетовирани“ улици, а тоа секако заслужува пофалба. Да, тоа значи дека во свиоци од C3 можете да очекувате малку повеќе навалување во однос на директните конкуренти, но бидејќи C3 нема намера да шармира со спортски карактеристики, тоа и не е толку важно.
Моделот со кој ние се дружевме дојде опремен со 1.6-литарски BlueHDI турбодизел. Малиот 4-цилиндерски мотор испорачува 75 коњски сили при 3500 вртежи во минута и одлични 233 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Во комбинација со 5-степениот мануелен менувач (кој не е меѓу најпрецизните во светот) малиот C3 постигнува 100 километри на час за 15.1 секунда и ќе продолжи да забрзува сè до максималните 171 километар на час.
За време на нашето тестирање ние измеривме просечна потрошувачка од околу 5.5 литри дизел гориво на 100 изминати километри – и тоа во градски услови. На отворено при брзина од 120 километри на час моторот работи на околу 2000 вртежи во минута, а потрошувачката соодветно се намалува.
Нашиот тестен модел дојде во највисокото – SHINE – ниво на опрема – а тоа значеше клима уред, мултимедијален уред со можност за USB поврзување, навигација, гласновни контроли и многу други функционалности, електрично задвижување на сите прозорци, паркинг сензори и камера, keyless отворање и стартување и уште многу, многу други ситници. Не е заборавено ниту на безбедноста, па новиот C3 стандардно доаѓа со сите можни електронски помагала за активна безбедност, како и воздушни перничиња за возачот и совозачот и странични воздушни завеси.
Новиот Citroën C3 внесува вистинска (и потребна) свежина во класата. Екстравагантниот, храбар дизајн, можностите за персонализација и несомнено шик карактерот го прават еден од најпривлечните автомобили во својот сегмент. Кога на сето тоа ќе се додадат и економичноста и практичнота, тогаш навистина можеме да кажеме дека Citroën повторно го откри својот вистински идентитет!
- Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 75 коњски сили / 3500 вртежи во минута
- Вртежен момент: 233 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 171 км/час
- Забрзување 0-100: 15.1 секунди
- Должина: 3990 mm
- Ширина: 1740 mm без странични ретровизори
- Висина: 1470 mm
- Тежина: 1080 kg
- Меѓуоскино растојание: 2540 mm
- Багажен простор: 300 литри
- Потрошувачка на 100 км: 5.1 литар (измерена, градска)
- Цена на основниот модел: Citroën C3 Live PureTech 82 – 10.890 Евра
- Цена на тестираниот модел: Citroën C3 BlueHDI 75 Shine – 18.500 Евра
Повеќе информации: Citroen.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски