ПРЕМИЕРА: Ова е целосно новата SEAT Ibiza! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ова е целосно новата SEAT Ibiza!

Вистинскиот амбасадор на SEAT брендот – урбаната Ibiza влегува својата најнова, петта генерација и носи многу, многу новитети!

Дами и господа – ова е новата SEAT Ibiza!

Новиот урбан хечбек на шпанскиот бренд ќе се нуди само во изведба со пет врати – верзијата со три врати и караванската верзија одат во пензија, но новата Ibiza доаѓа со динамичен и модерен дизајн, па нема да ни недостасуваат другите две изведби.

Ibiza е првиот компактен модел од Volkswagen групацијата кој е поставен на новата MQB A0 платформа наменета за помалите автомобили. Токму Ibiza е првиот модел кој ја добива новата платформа, а врз која понатаму ќе бидат поставени и новото Volkswagen Polo, како и Skoda Fabia. Во споредба со својата претходничка, новата Ibiza е има 95 милиметри подолго меѓуоскино растојание и е цели 87 милиметри поширока, но истовремено е 2 милиметри пократка и 1 милиметар пониска. Тоа значи дека и покрај компактните димензии, Ibiza би требало да биде меѓу најпросторните автомобили во класата, а ќе нуди и дарежливи (за класата) 355 литри багажен простор.

Како што и очекувавме, понудата на мотори вклучува две изведби на 1-литарскиот TSI турбо бензинец со 95 или 115 коњски сили, како и 1.5-литарски TSI со 150 коњски сили кој ќе се понуди кон крајот на оваа година. Понудата на дизел мотори вклучува три верзии на 1.6-литарскиот TDI со 80, 95 и 115 коњски сили. За прв пат во Ibiza ќе се нуди 1-литарски TSI кој ќе работи на природен гас и ќе испорачува 90 коњски сили. Во зависност од избраниот мотор, Ibiza ќе се добива со 5 или 6-степен мануелен менувач, а купувачите ќе можат да нарачаат и 7-брзински DSG менувач со двојна спојка.

За прв пат во оваа класа, SEAT ќе понуди целосно LED осветлување. Тоа значи LED предни и задни светла, но и LED осветлување во ентериерот. Кабината ќе добие 5 или 8-инчен мултимедијален уред, можност за безжично полнење на мобилни уреди, Apple CarPlay и Android Auto компатибилност, како и MirrorLink поврзување. За аудиофилите, тука е 300-ватен Beats аудио уред. За оние кои сакаат подинамично возење, тука ќе биде Ibiza FR која ќе биде со поцврста, поспортска суспензија и уникатни FR детали.

Новата Ibiza ќе биде официјално претставена на Саемот на Автомобили во Женева, а продажбата се очекува да започне во втората половина од оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.