Наскоро ќе пристигне целосно новиот мал градски автомобил на KIA – корејскиот производител ги објави првите фотографии од новиот Picanto пред неговата официјална премиера во Женева!
„Пикантниот“ мал градски автомобил на KIA е дизајниран во дизајнерскиот центар на брендот во Франкфурт, но и во Намјанг, Јужна Кореја. Малиот хечбек има 15 милиметри подолго меѓуоскино растојание во однос на тековниот модел, и сега има вкупно 2400 милиметри меѓу предната и задната оска. Должината останува иста, па Picanto продолжува да биде компактен градски автомобил со вкупно 3595 милиметри должина.
Новиот Picanto ќе се нуди во интересна палета на бои, а значително внимание е посветено на кабината, каде гледаме мултимедијален уред чувствителен на допир со „лебдечки“ дизајн, автоматска клима, мултифункционален управувач, загревање на предните седишта, AUX и USB влезови и уште многу други ситници. Ќе може да се добијат и кожни седишта со контрастни опшивки и други ситници.
Сега за сега не знаеме какви мотори ќе се вградуваат во Picanto, но се претпоставува дека во понудата ќе се најдат тековниот 1-литарски бензинец, како и 1-литарски T-GDI турбо-бензинец позајмен од поголемиот Cee’d.
Сите детали ќе бидат познати во Март, за време на Женевскиот авто-салон.