Големиот седан на Opel станува уште поголем – но истовремено и полесен, и значително понапреден. Дами и Господа, ова е новата Opel Insignia Grand Sport!
Со желба да истакне колку новата Insignia е различна од старата, Opel дури реши да го прошири и името – па Insignia станува Insignia Grand Sport. Новиот автомобил не само што носи нов дизајн и грст нови технологии, туку е и значително полесен од стариот – во зависност од изведбата, новата Insignia GS може да биде до 175 килограми полесна, а само каросеријата е цели 60 килограми полесна. Кровот е понизок за 29 милиметри, трагата е поширока за 11 милиметри а меѓуоскиното растојание е зголемено за дури 92 милиметри.
Уште при прв контакт – дизајнот изгледа одлично. Всушност, ако ние се прашуваме, ова е најдобриот дизајн на Opel изминативе неколку години. Според она што го кажува Mark Adams – подпретседателот за дизајн на Opel – „дизајнот комбинира флуидни линии и суптилни површини со остри, прецизни линии за да ги нагласи драматичните пропорции – изгледа подолга, пониска и поширока од она што навистина е, и дефинитивно изгледа како да припаѓа на повисоките и поскапите класи.“
Секако, за борба во оваа компетитивна класа, важни се и технологиите – а тука Insignia Grand Sport нуди новитети кои не само што ќе ја направат побезбедна, туку и значително покомфорна. Insignia Grand Sport ја добива најновата генерација на IntelliLux LED Matrix предните светла, FlexRide адаптивна суспензија, но и Lane Keep Assist, Head-Up дисплеј, премиум седишта, загревање и ладење на предните и задните седишта, и уште многу, многу други технологии.
Од Opel сèуште не објавуваат кои мотори ќе се вградуваат во новата Insignia Grand Sport, но веќе знаеме дека ќе се нуди нов, 1.5-литарси турбо-бензинец со 163 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. На самиот старт би требало да се понуди и 2-литарски турбо-бензинец со 247 коњски сили, кој ќе се нуди со 8-брзински автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Во понудата ќе има и турбодизели со зафатнина од 1.6 и 2 литри, а се очекува тие мотори да нудат најмалку 110 коњски сили.
Повеќе информации за новата Insignia Grand Sport ќе имаме следната година, кога Opel ќе го претстави новиот седан на Саемот на Автомобили во Женева.