Audi RS Q3 Concept подготвен за својата премиера! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi RS Q3 Concept подготвен за својата премиера!

Неколку дена пред саемот на автомобили во Пекинг ги имаме сите податоци за новиот RS Q3 концепт на Audi, кој може да се пофали со дури 355 коњски сили!

На саемот во Пекинг Audi ќе го претстави Audi RS Q3 концептот кој набргу би можеле да го видиме и во сериско производство. Под поклопецот на моторот се крие 2.5-литарскиот TFSI мотор кој веќе го знаеме од Audi TT RS и Audi RS3 Sportback, кој сега е дополнително доработен и испорачува импресивни 355 коњски сили. Со овој мотор RS Q3 може да забрза до 100 километри на час за 5.2 секунди и да забрзува се до максималните 252 километри на час!

Пет-цилиндерскиот мотор е поврзан до погон на сите четири тркала преку автоматскиот DSG менувач со двојна спојка кој Audi го нарекува S-tronic. Според најавите од Audi, моќта воглавно се испорачува кон предните тркала, но доколку се примети пролизгување таа се пренесува на потребните тркала за максимална стабилност и безбедност.

Концептот е 25 милиметри поблиску до подлогата од својот секојдневен роднина, а вози на големи 20-инчни тркала со 225/20 гуми.

Во внатрешноста доминираат црната боја и сините акценти. Вниманието го привлекуваат спортските седишта, контрастните конци на кожата како и деталите изработени од карбонски влакна на воланот, централната конзола и кутијата за ситници пред совозачот.

Audi RS Q3 е концепт со кој производителот од Инголштад веќе си има играно, а тоа е минатогодинешниот Q3 Veil концепт, но овој концепт покажува дека тие се навистина заинтересирани да понудат вакво возило на пазарот. Реакцијата на купувачите ќе биде пресудна за неговата иднина, но бидејќи веќе сме го возеле Q3 и добро ги знаеме неговите квалитети, можеме само да навиваме и да се надеваме дека тој навистина ќе отиде во сериско производство.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.