Поголема, попрактична, помодерна, и целосно нова – Ford ја претстави најновата генерација на еден од своите најпопуларни автомобили – малата Fiesta!
Синоќа Ford ни ја претстави најновата генерација на еден од своите најуспешни модели – малата Fiesta. Со новата Fiesta доаѓа и ново лого – а за прв пат Ford ќе ја нуди Fiesta во четири различни изведби – Titanium, Vignale, ST-Line и новитетот Active.
Fiesta Titanium е директниот наследник на она што денес го познаваме како Fiesta, но со новите изведби Ford значително ја засилува гамата. Со новата Fiesta Vignale, Ford ќе понуди премиум изведба на малиот автомобил, а тоа значи попремиум материјали, премиум детали и уникатно купувачко искуство кое доаѓа со Vignale брендот. Дополнително, го истакнуваат 8-инчниот дисплеј благодарение на кој е намалена бројката на прекинувачи на централната конзола.
За оние кои сакаат поспортски и подинамични изведби – тука е ST-Line верзијата која има поспортски бодикит, големи тркала и грст други спортски детали. За оние со поактивен животен стил, тука е целосно новата Fiesta Active која е поробустна изведба наменета за оние кои понекогаш сакаат да го напуштат асфалтот – и е новитет за Fiesta.
Новата Fiesta е подолга и поширока од тековниот модел. Со неа доаѓаат нови технологии и грст нови мотори. Всушност, луѓето од Ford кажуваат дека Fiesta е најнапредниот мал автомобил на светот. Го истакнуваат Sync 3 со AppLink кој има препознавање на гласовни команди и нуди цела низа функционалности – и може да препознае и природен говор – кажете му на системот дека сакате кафе, и ќе ве насочи кон некое блиско кафуле. Ford вгради дури 15 нови безбедносни и помошни системи во новата Fiesta – меѓу кои и системот за автономно сопирање и препознавање пешаци, систем за автоматско паркирање, адаптивен темпомат, систем за следење на слепата точка, систем за следење на коловозната лента, и така натака.
Во однос на моторите, Ford уште не објавува точни детали – но кажаа дека новиот 1-литарски EcoBoost е првиот мотор во светот кој има три цилиндри и можност за деактивација на еден од нив. Секако, во понудата ќе се најдат и други бензински (и турбо-бензински) како и турбодизел мотори. Наскоро очекуваме да имаме уште повеќе информации за новиот градски хечбек на Ford, па ќе ви ги пренесеме во целост.