Електричниот автомобил базиран на најновата генерација на легендарната Chevrolet Corvette влегува во сериско производство – ќе се вика Genovation Extreme Electric и ќе чини 750.000 долари!
Бројките се импресивни – електричниот автомобил базиран на Chevrolet Corvette Grand Sport ќе има на располагање „повеќе од 660 коњски сили и 813 Nm вртежен момент“. Серискиот автомобил ќе биде произведен во само 75 примероци, и секој од нив ќе чини 750.000 долари.
Автомобилот кој ќе го носи името Genovation Extreme Electric ќе биде произведуван од Genovation Cars – компанија од Мериленд која минатата година постави брзински рекорд со електричен автомобил кој е легален за возење по обични патишта. Постигнаа рекорд од 330.8 километри на час со електричен автомобил базиран на минатата генерација Corvette. Новиот автомобил се очекува да има автономија од околу 210 километри во нормални услови, но и идеална дистрибуција на тежина во однос 50:50. Автономијата не е преголема, но тука фокусот е ставен на перформансите.
Како што можеме да видиме, дизајнерите на Genovation не си играле премногу со дизајнот на Corvette, но ни се допаѓа изменетиот заден дел кој многу поуверливо оддава почит на минатите генерации од овој легендарен автомобил. Цената од 750.000 долари е висока, а испораките треба да започнат кон крајот на 2019 – да видиме дали овој автомобил навистина ќе го здогледа светлото на денот, или ќе остане само како прекрасна идеја.