Знаменосецот на A3 моделите на Audi доаѓа со 2.5-литарски пет цилиндерски турбо-бензинец, Quattro погон на сите четири тркала, S-Tronic автоматски менувач и 400 коњски сили!
Ако 367-те коњски сили кај RS3 Sportback не ви се доволни, Audi реши да ја направи врвната А3 изведба токму во форма на седан – и да му даде на знаменосецот дури 400 коњски сили! Моќта доаѓа од нов, преработен 2.5-литарски TFSI кој има пет цилиндри и сега испорачува 400 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. Моторот има систем за двојно вбризгување, варијабилно отворање на вентилите и е цели 26 килограми полесен од претходникот.
Со овој мотор, RS3 Sedan забрзува до 100 километри на час за само 4.1 секунда и постигнува максимални 250 километри на час. Доколку побарате, Audi може да го помести лимитерот на 280 километри на час. Секако, моќта се пренесува кон сите четири тркала преку S-Tronic автоматски менувач со седум степени и двојна спојка, како и најновата генерација на Quattro системот за погон на сите тркала. RS3 Sedan доаѓа со систем кој во свиоци дискретно ги прикочува внатрешните тркала за да го направи управувањето поагилно и подинамично.
RS3 Sedan ќе го препознаете по аеродинамичниот бодикит, страничните отвори за воздух, задните спојлер и дифузер, како и големите тркала. Секако, тука се и големите сопирачки кои несомнено се потребни за да ја застанат оваа 400-коњска ракета. Како и екстериерот, и ентериерот добива спортски детали – неизбежните спортски седишта, индикатор за притисок во турбополначот, контрастни опшивки и многу други ситници. Новитет е можноста да се нарача RS3 Sedan со Audi Virtual Cockpit панелот кој се нуди и кај други модели на брендот.