Спортската дивизија на Volvo ги подготви Polestar Performance пакетите за новиот S90 и V90 со кои големиот седан и караван добиваат повеќе моќност и подобрени перформанси!
Polestar е „тјунинг“ дивизијата на шведскиот производител, и заедно со возачите и инженерите од Polestar Cyan Racing, тие подготвија пакет подобрувања за големите и луксузни S90 и V90 со кои новите модели добиваат подобрени перформанси и подобра реакција на притискање на педалата за гас.
Според претседателот на Polestar, Niels Moller, желбата била „да се подобрат перформансите на водечките модели на Volvo. S90 и V90 веќе нудат одлична динамика, а ние сме среќни што можеме да ги подигнеме перформансите едно ниво погоре благодарение на Polestar Performance Optimization.“
D5 PowerPulse турбодизелот кој се нуди во S90 и V90 ќе добие дополнителни 5 коњски сили и 20 Nm вртежен момент, за вкупно 240 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Дополнително, Polestar модификациите носат и оптимизиран софтвер за работа на менувачот, како и подобрена реакција на притискање на педалата за гас. Она што е важно е дека подобрувањата не влијаат на гаранцијата, сервисните интервали, емисијата на штетни гасови и потрошувачката во однос на стандардните возила, кажуваат од Polestar.