Американците секогаш различно го интерпретирале автомобилскиот премиум сегмент од европските производители – но со Escala, Cadillac најавува вистинска луксузна иднина.
Кај американците секогаш големината била знак за „премиум“ – па затоа имаме онакви грдосии како Cadillac Escalade, Lincoln Navigator и ним сличните. Секако, историјата на американските производители на автомобили е исполнета и со навистина добри примероци, но американците секогаш различно го интерпретирале премиум сегментот.
Секако, и новата Escala на Cadillac е голема – сепак се работи за голем, луксузен седан. Ниту моторот не е за занемарување – со желба да покаже колку е блиску Escala до сериско производство, Cadillac во концептот вгради обичен мотор со внатрешно согорување – тука нема никакви хибридни технологии. Под поклопецот се крие 4.2-литарски твин-турбо бензински V8 кој испорачува рамно 500 коњски сили. Одлично!
Она што ќе го забележите на фотографиите е дека во ентериерот ги нема „традиционалните вредности“ на Cadillac – нема лакирано дрво што всушност е пластика, нема ништо толку „класично“ – сите површини се обложени со метал и со премиум материјали, како и природно дрво. Ентериерот е минималистички, со голем дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации.
Мораме да признаеме дека Escala изгледа одлично – ако ова е иднината на американскиот премиум, тогаш ајде, нека стигне побрзо!