Јапонскиот бренд го поднови GT86 за 2017та година со редизајн на екстериерот, поквалитетни материјали и понова технологија, но не и повеќе сила.
Естетските промени почнуваат од предниот дел, со поголем централен отвор за вентилација на браникот, како и нови магленки и LED предни светлосни групи. Измените на задниот дел се поограничени. Новитетите ги опфаќаат новите задни светла и малку изменетиот заден браник, а во понуда се додадени и нови алуминиумски фелни.
Промените во кабината се поопширни, со цел да го подобрат амбиентот. Во опција е додаден кожен и Alcantara тапацир, кој исто така се протега на централната конзола и панелите од вратите. Тука е и нов волан, како и опција за контрастни сребрени шевови на седиштата.
Погонската единица останува непроменета. 2.0-литарскиот четири-цилиндарски боксер агрегат со 200 кс и 206 Nm продолжува да си ја врши својата работа. Сепак, суспензијата претрпела промени со цел да се добие полесна контрола и зголемена агилност.
Цените и целосните спецификации сеуште не се објавени, но покрај малите измени ние не би очекувале голема разлика од досегашната цена од 33,000 евра.