Легендарниот француски бренд се враќа – и ќе тегне по емотивните нишки на вљубениците во Alpine со новиот ретротастичен Vision Concept!
Иако официјалната премиера е закажана за следниот месец, за саемот на автомобили во Женева, Alpine (односно Renault) реши дека Монте Карло е одлична локација за дебито на новиот Alpine Vision Concept. Според она што е официјално потврдено, концептот е во суштина она што ќе го добиеме како сериски автомобил – а тоа значи средно поставен мотор, две седишта и сега за сега сè уште непотврдени технички детали.
Она што Renault го потврди е дека серискиот автомобил ќе биде придвижуван од 4-цилиндерски турбо-бензинец поставен зад возачот и совозачот. Веќе кружат гласини дека задолжен за придвижување на автомобилот ќе биде верзија на 1.6-литарскиот турбо-бензинец кој се вградува во RenaultSport Clio, и дека ќе испорачува повеќе од 200 коњски сили. Силата би се пренесувала кон задните тркала преку автоматски менувач со двојна спојка.
Според Alpine, една од најважните цели при развивањето на новиот автомобил била ниската тежина – и се очекува автомобилот да тежи околу (или помалку од) 1000 килограми. Иако перформансите не се потврдени, се шпекулира за забрзување до 100 километри на час за 4.5 секунди. Како што веќе рековме, дебито е закажано за саемот на автомобили во Женева, а Alpine веќе потврди дека понатаму ќе додаде и други модели во своето портфолио.