Официјално: Ова е новата E-Class на Mercedes-Benz! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Ова е новата E-Class на Mercedes-Benz!

По „протечените“ фотографии кои се појавија минатата седмица, Mercedes-Benz и официјално ја претстави новата E-Class, заедно со сите хај-тек иновации кои се дел од неа!

Значи ова е новата E-Class?

Како што веќе еднаш пишувавме – новата E-Class е поставена точно на средина меѓу C-Class и S-Class – дури и визуелно. Иако ова можеби нема да биде по сечиј вкус, сепак Mercedes-Benz ќе понуди четири различни „верзии“, па ќе можете да си ја одберете онаа која вам најмногу ви одговара. Основниот модел во Европа ќе има класична предна маска со трокрака ѕвезда на поклопецот на моторот. Слична на оваа верзија ќе биде Exclusive, која ќе носи уште некои луксузни детали. Ниво погоре се Avantgarde и AMG-Line кои имаат поспортска предница и голема трокрака ѕвезда поставена на маската на ладилникот.

mb-e-class-interior-official

Новиот автомобил сега долг вкупно 4923 милиметри, а меѓуоскиното растојание порасна од 2874 на 2939 милиметри, а зголеменото меѓуоскино обезбедува простор за линиски шест-цилиндерски мотори кои ќе станат дел од понудата за неколку години. Како и екстериерот, и ентериерот е поставен на средина меѓу C и S класите, и ги комбинира двата хоризонтални LCD екрани од S-Class со лебдечката централна конзола од C-Class. За прв пат Mercedes-Benz вградува и управувач со копчиња чувствителни на допир кои реагираат на хоризонтални или вертикални гестикулации – токму како вашиот паметен телефон. Благодарение на LED технологијата, можете да изберете до 64 бои за амбиенталното осветлување, а можете да добиете и Warmth & Comfort пакет кој вклучува загревање на наслоните за раце, централната конзола, управувачот и брзо загревање на седиштата.

Во ред, но каков мотор ќе можам да добијам?

Поврзано:  Mercedes-Benz CLE Cabriolet пристигна во салонот на Мак Аутостар

На самиот почеток, во Европа ќе можете да одберете меѓу четири различни мотори. Доколку сакате бензинец, тука е E200 со турбо-полнет 2-литарски четири-цилиндерски мотор кој нуди 184 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Чекор над него е E250 плаг-ин хибридот кој го комбинира истиот мотор со електромотор за вкупна системска моќност од 279 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Од друга страна, доколку сакате дизел – кај Е220d ќе добиете целосно нов мотор кој го заменува досегашниот 2.1-литарски турбодизел со нов, 2-литарски кој нуди 195 коњски сили и 400 Nm. Скалило погоре е E350d кој го користи добро-познатиот 3-литарски турбодизел кој нуди 258 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Сите мотори ќе се нудат ексклузивно со 9G-Tronic 9-степен автоматски менувач.

Ќе се нудат пет различни видови на суспензија – од обични, челични амортизери, па сè до мулти-коморна воздушна суспензија – нешто што за прв пат се појавува во оваа класа.

Супер, веќе знам што ќе одберам. Но што е со новите технологии?

Новата E-Class е вистински предводник кога станува збор за новите технологии, а најважните гаџети се токму околу автономното возење. Најимпресивен новитет од сите е Drive Pilot кој му овозможува на автомобилот да го следи оној пред него дури и при брзини до 210 километри на час, при што автоматски ќе забрзува и закочува. Тука е и Steering Pilot кој може сам да го управува автомобилот без интервенција од возачот.

mb-e-class-rear-official

Друг интересен новитет е и Speed Limit Pilot кој автоматски може да ја прилагоди брзината на автомобилот во согласност со ограничувањата на брзина кои ќе ги забележи дали преку системот за препознавање знаци, или пак преку информации внесени во системот за навигација.

Поврзано:  Електричниот, брутален Mercedes-Benz G580 EQ стигна во Македонија!

Active Lane Change Assistant е систем кој користи радари и камери за автоматски да го премести автомобилот во лента избрана од возачот. Ако лентата е слободна и возачот го искористи трепкачот подолго од две секунди, автомобилот самиот ќе ја смени лентата при претекнување. Тука е и Remote Parking Pilot системот, преку кој со вашиот паметен телефон ќе можете да го паркирате вашиот автомобил во гаража или паркинг место, без да бидете во него.

Секако, тука се уште грст различни иновации, како за безбедноста, така и за осветлувањето, но ние ќе го издвоиме имплементирањето на NFC технологијата, која овозможува полесно комуницирање со разни уреди, и кое ќе овозможи (технички) да го користите и вашиот паметен телефон како клуч. Импресивна е и аеродинамичката оптимизација – новата E-Class е најаеродинамичен автомобил во сегментот, со коефициент од само 0.23 Cd – a ова само повеќе ќе придонесе кон зголемената економичност и подобрениот комфор!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.