Ниту Volkswagen не заостана зад конкурентите на CES – тие го претставија малиот BUDD-e кој ја навестува електричната иднина на брендот!
BUDD-e е базиран на новата MEB платформа на Volkswagen која ќе биде основа за неколку електрични возила – а најверојатно сериски модел базиран на концептот ќе биде првиот. Volkswagen нетрпеливо сака да го покаже својот нов фокус кон електричните возила, па BUDD-е е одличен старт. Концептот има четири електромотори – два на предните, два на задните тркала – и вкупно 301 коњска сила!
Батеријата која има капацитет од 92.4 kWh е интегрирана во подот на автомобилот, и кога е целосно наполнета би требало да обезбеди автономија од 533 километри. Според Volkswagen, кога би се користел 150 kWh полнач, 80 проценти од батеријата би се наполнила за само 30 минути. На BUDD-е му требаат 6.9 секунди да постигне 100 километри на час, а максималната брзина е 180 километри на час.
Дополнително, Volkswagen преку BUDD-е ги промовира новите насоки кои ќе ги понуди за интеракција меѓу патниците и автомобилот – сите контроли се управуваат преку дисплеи чувствителни на допри, гласовни команди или преку препознавање гестикулации. VW најави соработка со LG за дополнително да ги развива овие технологии.