Со враќање на легендарното име, Fiat ќе се обиде да ги придобие купувачите кои имаат историја со брендот – но истовремено и да привлече нови!
Новиот компактен седан на Fiat е дизајниран во Centro Stile Fiat во Италија, но е развиен во Турција од заедно со Tofas R&D – еден од најголемите развојни центри на FCA. Наследникот на популарната Linea има големи чевли за пополнување, а тоа ќе го направи низ три нивоа на опременост, многу опции за дополнителна опрема, но и економични мотори кои би требало да ги привлечат купувачите.
Меѓу другото, купувачите ќе можат да нарачаат Uconnect радио со MP3 поддршка, како и можност за поврзување на екстерни уреди, 3.5-инчен LCD мултимедијален уред, мануелен или автоматски клима уред, електрично серво, централна брава, автоматско отворање на багажниот простор, електрични и загревани ретровизори, електрохроматски централен ретровизор, сензори за дожд, мултифункционален управувач, Bluetooth и многу други ситници. Меѓу безбедносната опрема се вбројуваат ABS со EBD, контрола на стабилноста, систем за тргнување на нагорнини како и систем за следење на притисокот во гумите. Ништо од ова не е револуционерно, но многу од овие работи за прв пат се нудат во оваа класа.
Купувачите ќе можат да изберат меѓу два бензински и два турбодизел мотори. Доколку преферирате бензинец, тука се 1.4-литарскиот атмосферски бензинец со 95 коњски сили, како и 1.6-литарскиот со 110 коњски сили. За оние кои сакаат турбодизел, тука е 1.3-литарскиот MJET кој нуди 95 коњски сили, како и помоќниот 1.6-литарски МЈЕТ кој нуди 120 коњски сили. Во зависност од избраниот мотор, Tipo ќе може да се добие со 5 или 6-брзински мануелен, или пак 6-брзински автоматски менувач.
Како што веќе знаеме, Tipo треба да се појави на пазарот во блиската иднина, а следната година во понудата ќе се најдат и хечбек, како и караванска изведба на моделот.