Тјунерите од AC Schnitzer се меѓу најпознатите тјунери на BMW, но овој пат тие своето внимание му го посветија на најновото MINI – со одлични резултати!
Доработките се како визуелни, така и под кожата – познавачите ќе забележат дека има нов преден сплитер, неколку дискретни измени на екстериерот, но и големи, 19-инчни тркала кои визуелно одлично ги исполнуваат крилата на малиот хечбек. Тука е и спортскиот издувен систем, како и спортски-доработената суспензија благодарение на која малиот MINI e 30 милиметри поблиску до подлогата.
Измените под кожата се исто така дискретни, но тјунерите од AC Schnitzer посветиле многу време на зголемување на вртежниот момент бидејќи „токму вртежниот момент е она што го чувствувате кога се забивате длабоко во седиштето при забрзување.“ Преведено во бројки – тоа изгледа вака: доколку имате Cooper S, од 190 коњски сили и 280 Nm вртежен момент ќе добиете 233 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Доколку ја имате најмоќната, John Cooper Works верзија со 228 коњски сили и 320 Nm вртежен момент – очекувајте 261 коњска сила и дури 390 Nm вртежен момент!