Иако јапонскиот производител уште пред скоро две години ги најави новите турбо-бензински мотори, тие ќе се појават дури во новиот Civic кој треба да се појави на пазарот во 2017.
За новите турбо-бензински мотори на Honda зборувавме уште кога ги видовме првите фотографии од новиот Civic Type R. Сега, скоро две години подоцна Honda конечно и официјално потврди дека новите мотори ќе пристигнат во Civic, но дури во 2017 за кога е најавен и целосно новиот хечбек на брендот.
Turbo-VTEC моторите ќе имаат зафатнина од 1 и 1.5 литри. Моторите ќе бидат дел од Earth Dreams Technology гамата на Honda и ќе нудат „комбинација од динамични перформанси, водечка моќност и одлична економичност.“ Според некои гласини, помалиот, 1-литарски мотор кој ќе биде со три цилиндри, ќе испорачува околу 130 коњски сили и 200 Nm вртежен момент, додека поголемиот, 1.5-литарски мотор со четири цилиндри ќе нуди 170 коњски сили.
Новите мотори се базирани на целосно нова архитектура и користат новоразвиени турбополначи. Дополнително, имаат и технологија за варијабилно движење на вентилите за да го намалат триењето и да постигнат поголема моќност и подобрена економичност. Според Honda, овие каратеристики им овозможуваат на моторите да постигнат одличен баланс меѓу моќност и вртежен момент, кој би требало „да е подобар од конвенционалните атмосферски мотори.“
Honda во моментов инвестира 270 милиони евра во фабриката во Свиндон во Обединетото Кралство, каде ќе се произведува новиот Civic. Нам само ни останува да го почекаме.