Спортската изведба на новата генерација Audi A4 доаѓа со 3-литарски турбо-бензинец кој му нуди на автомобилот 354 коњски сили и 500 Nm вртежен момент!
Новиот S4 ќе го препознаете по дискретните (дури незабележливи) измени. Меѓу нив ќе најдете алуминиумски поклопци на ретровизорите, изменети преден и заден браник и четири завршетоци на издувниот систем.
Главниот новитет е под поклопецот на моторот – таму се крие 3-литарски TFSI турбо-бензинец кој нуди 354 коњски сили и 500 Nm вртежен момент – доволно за 1630 килограми тешкиот седан да забрза до 100 километри на час за 4.7 секунди (0.3 секунди побрзо од претходникот). Ентериерот добива спортски S седишта обвиени во Nappa кожа и алкантара, многу ситни детали со S4 логоа, Audi виртуелен кокпит и уште многу други спортски ситници – нам особено ни се допаѓа S-управувачот!
Новите Audi S4 и S4 Avant ќе бидат достапни од следната година.