Одличен старт на сезоната: Иџе победи и постави нов рекорд во Франција! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Одличен старт на сезоната: Иџе победи и постави нов рекорд во Франција!

Македонската спортска гордост, Игор Стефановски – Иџе со победа и нов рекорд ја почна одбраната на титулата во Европскиот шампионат на ридски патеки!

„Летечкиот Иџе“ триумфира во групата Н на првата трка од новата сезона, а на асфалтот на Кол Сент Пјер кај француското градче Сен Жан Ду Гард постави нов рекорд на патеката за возила од неговата група.

Сметајќи ги најдобрите две времиња од извозените три трки, Стефановски со своето Mitsubishi Lancer Evo IX постигна вкупно време од 6:01.527 минути и се искачи на највисокото скалило на победничкиот подиум пред Хрватот Томислав Мухвиќ со 6:02.603 и Чехот Јири Лос со 6:03.606 минути.

Уште на саботните тренинзи се виде дека Иџе го очекува тешка трка и дека конкуренцијата е солидно подготвена за новата сезона. Хрватот Томислав Мухвиќ беше речиси изедначен со нашиот натпреварувач, а и Чехот Јири Лос беше резултатски доволно блиску за да може да искористи и најмал кикс на водечкиот тандем.

Свесен дека ќе мора да даде се од себе, во негов стил, Иџе реши на неделната трка да ја откаже конкуренцијата уште од старт. Веќе во првото возење со неверојатно агресивен стил ги шокираше сите присутни со време од 3:00.020 минути што беше за секунда и половина подобро од дотогашниот рекорд на патеката за возила од групата Н стар две и пол години. Лос беше за 1,5 секунда побавен, а Мухвиќ доцнеше 2,5 секунди. Во преостанатите две возења на Иџе му остана со стабилно возење да ја запечати победата.

Во второто возење најбрз беше Мухвиќ кој мораше да го брка второто место на Лос со 3:01,370 минути, а Стефановски беше втор со заостанување од 0,37 секунди. Третото возење повторно му припадна на Мухвиќ, но Стефановски целосно го контролираше резултатот дозволувајќи му на Хрватот да намали само за недоволни 0,27 секунди.

„Имавме перфектен викенд, сè ни одеше како што треба. Знаев дека ќе решаваат нијанси, па решив да бидам агресивен од старт за да обезбедам предност пред конкурентите. По рекордот на патеката во првото возење, во второто и третото решив да возам без преголем ризик контролирајќи ги резултатите на конкурентите бидејќи знаев дека не можат да го спуштат своето време под три минути“ – изјави Стефановски.

Првата трка сезонава евидентно покажа дека разликите во времињата ќе бидат далеку помали од лани и дека нашиот ас го очекува напорна сезона.

“Фактот што ние немаме услови да тренираме во меѓусезоната си го прави своето, па така ова ни беше воедно и прв сериозен тест за мене и возилото оваа година. Видливо е дека конкуренцијата е поподготвена од лани. Мухвиќ е многу брз и искусен возач, а Чесите за оваа сезона имаат некоја нова компонента гуми од Пирели кои ќе им бидат значителна предност. Сепак, нашиот план останува ист и ќе атакуваме на победа на секоја трка, но свесни сме дека ќе немаме можност ни за најмал кикс или опуштање“ – додаде Иџе.

Севкупно, во Франција настапија 130 возила, од кои 25 се бодуваа за Европскиот шампионат. Апсолутен победник беше ненадминливиот Италијанец Симоне Фаџиоли со болид Норма Н20 со нов апсолутен рекорд на патеката.

Следната трка се вози за две недели во Рехберг, Австрија, а и таму Иџе ќе ја брани победата остварена минатата година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.