Третиот модел во гамата на McLaren – по 650S и P1 – има цел да го направи McLaren подостапен и поприфатлив за повеќе купувачи – а со 570 коњски сили има повеќе од доволно аргументи!
Со 570S, McLaren настапува сериозно и подготвено да се бори директно со Porsche 911 и Audi R8, а уште на самиот почеток британскиот натпреварувач доаѓа подготвен – на располагање се 570 коњски сили добиени од 3.8-литарскиот твин-турбо мотор на брендот, кој сега има 30% нови компоненти. Покрај одличните 570 коњски сили при 7400 вртежи во минута, возачот ќе има на располагање и 600 Nm достапни од 5000 до 6500 вртежи во минута.
Бидејќи автомобилот тежи само 1313 килограми, на 570S му се потребни само 3.2 секунди да стигне до круцијалната „стотка“, 9.5 секунди до 200 километри на час и постигнува максимална брзина од 328 километри на час. Според McLaren, нивниот „основен“ модел може да троши само 9.2 литри на 100 километри – но тоа е според крајно нереалниот NEDC тест за економичност.
Автомобилот има 19-инчни тркала напред и 20-инчни позади, обвиени во Pirelli P Zero Corsa гуми, а силата на кочење се добива благодарение на стандардните карбон-керамички дискови. Во ентериерот возачот ќе го пречека исклучителна кабина обвиена во најквалитетни материјали, нов TFT панел со инструменти и седум-инчен IRIS мултимедијален центар кој ги интегрира сите контроли во автомобилот.