Новиот знаменосец на чешкиот огранок на Volkswagen групацијата е поставен на MQB платформата, ќе се нуди со многу различни бензински и дизел мотори и ветува нови технологии и паметни решенија!
Конечно, по долго претставување – еве го новиот Superb! Знаменосецот на Skoda ветува нов и возбудлив дизајн, нови и паметни Simply Clever решенија, како и голема гама на бензински и дизел мотори. Škoda ветува дури 29 Simply Clever решенија, од кои дури 23 за прв пат се јавуваат кај Superb – меѓу кои се два носачи за таблет компјутери на задните седишта, механички преклопливата задна кука, USB конектор и 230-волтен приклучок на задните седишта, голем простор меѓу предните седишта за дребулии и уште многу, многу други практични детали.
Новиот Superb има 30% пониски емисии на CO2, а GreenLine изведбата ќе троши само 3.7 литри гориво на 100 километри и ќе има емисија од само 95 грама CO2 на изминат километар. Тежината е намалена за 75 килограми и значително е подобрена аеродинамиката, додека моторите имаат до 20% подобри перформанси.
Како што се очекуваше, новиот Superb е поставен на MQB платформата на Volkswagen групацијата, а во него ќе се вградуваат TSI бензински и TDI турбодизел мотори. Се очекува бензинците да имаат на располагање од 125 до 280 коњски сили, додека дизелите ќе нудат од 120 до 190 коњски сили. Ќе може да се нарача со мануелен или DSG менувач, а во понудата ќе се најде и погон на сите четири тркала базиран на Haldex од петтата генерација.
Škoda Superb ќе нуди и одлична безбедност – сериски ќе се вградува контрола на стабилноста, а во многу земји дел од сериската опрема ќе биде и системот за автоматско кочење во градски услови, електронска контрола на притисокот во гумите, и уште многу други безбедносни системи. Стандарден ќе биде и XDS+ диференцијалот, а доколку купувачот така одлучи, ќе може да добие уште навистина многу „играчки“ во својот Superb.