ТЕСТ: Ford Kuga 2.0 TDCI Titanium 4×4 – Глобален натпреварувач! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Kuga 2.0 TDCI Titanium 4×4 – Глобален натпреварувач!

Втората генерација на Ford Kuga е продолжение на One Ford приказната за глобална достапност на популарните модели – и новиот SUV на Ford треба да задоволи многу различни вкусови – дали ќе му успее во тоа?

Сегментот на компактни SUV модели станува сè погусто населен а конкуренцијата сè подобра – и да се истакне било кој автомобил меѓу волку силна конкуренција станува тешко. Втората генерација на Kuga не само што треба да се избори меѓу конкурентите, туку треба тоа да го направи на глобално ниво, како дел од One Ford приказната за консолидација на моделите на брендот.

ford-kuga-front-side

Но што всушност значи тоа? Тоа значи дека Kuga треба да ги задоволи различните вкусови на глобалните пазари – да понуди рафинираност во Европа, робустност во Америка и издржливост на азиските пазари. Храбро, но не и неизводливо – новата Kuga е базирана на докажаната платформа на Ford Focus, а тоа ветува проверен квалитет, спортски дух и солидна понуда на простор, како и одлична понуда на економични и моќни бензински и дизел мотори, и избор меѓу погон само на предните или на сите четири тркала.

ford-kuga-front-green

Познавачите на Ford веднаш ќе забележат дека скоро и да нема визуелни сличности меѓу првата и втората генерација на Kuga. Новиот модел треба да замени два различни автомобили – Kuga во Европа и Escape во Соединетите Американски Држави – а тоа значеше значително „растење“ на автомобилот – новата Kuga е 81 милиметар подолга од претходната, што резултира со значително повеќе простор во внатрешноста.

ford-kuga-rear

Сепак, предниот дел е логичен раст на она што го знаеме од кај Focus и Fiesta, со големи отвори за воздух и генерално привлечни пропорции. Всушност – истата приказна се проткајува околу целиот автомобил – можеме да кажеме дека се работи за малку конзервативен облик, но со модерни и привлечни детали кои му даваат свеж лик на автомобилот. Благодарение на малку традиционалната форма Kuga може да понуди многу простор, додека растечката линија на прозорците визуелно ја намалува висината, а задниот дел го комплетираат двојните завршетоци на издувниот систем кои суптилно го нагласуваат спортскиот и авантуристички дух на автомобилот.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

ford-kuga-interior1

Вистински пријатно изненадување нè очекува во ентериерот. Нашиот тестен примерок беше во Titanium нивото на опрема и дојде со прекрасни седишта обвиени во штоф и кожа кои се покажаа како исклучително комфорни и соодветни на намената и карактерот на Kuga. Истовремено, материјалите и завршната обработка беа на повисоко ниво од она што обично го очекуваме во оваа класа – меката кожа со која беше обложен управувачот заслужува особена пофалба – во Kuga се чувствувавме како во SUV кој припаѓа во класата погоре.

Прегледноста е задоволителна, во внатрешноста има многу места за оставање дребулии и совозачот и патниците имаат повеќе од доволно простор за комфорно патување. Патниците на задната клупа ќе бидат благодарни за нагодувачкиот заден дел кој овозможува зголемен комфор при подолго патување. На располагање стојат 456 литри багажен простор, кој нараснува на 1653 литри со спуштени задни седишта. Кога се спуштени задните седишта багажниот простор е рамен, а благодарение на правилната форма на отворот лесно е да се сместат и поголеми предмети.

ford-kuga-interior2

Всушност, забелешки за ентериерот скоро и да немаме – не ни се допадна централната конзола на која има премногу копчиња и малку непрактичниот распоред на командите на воланот, на кои е малку потешко да се искористат некои од копчињата – но тоа се работи на кои се навикнавме и по неколку дена престанаа да ни пречат. Од друга страна, ни се допаднаа убаво распоредените и модерни инструменти, како и корисниот дисплеј поставен пред возачот на кој во исто време можат да се видат неколку различни параметри – како што се просечната и моменталната потрошувачка. Корисно и инутитивно!

ford-kuga-interior3

Нашиот тестен модел беше придвижуван од 2-литарски TDCI турбодизел кој испорачува 140 коњски сили на 4000 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент од 1800 вртежи во минута. Силата ја испорачува преку 6-степен мануелен менувач примарно кон предните тркала, но доколку се јави потреба може да се префрли до 100% од силата кон задните тркала. Забрзувањето „до стотка“ трае сосема задоволителни 10.7 секунди а максималната брзина изнесува 188 километри на час.

Според официјалните податоци, вака опремена Kuga би требало да троши 7.2 литри дизел гориво на 100 изминати километри, а ние забележавме потрошувачка од нешто над 8 литри на 100 километри во градски услови. Благодарение на вртежниот момент, движењето низ град е лесно, а на отворен пат нема повеќе бука од она што сме навикнати да го очекуваме кај ваквите автомобили. Менувачот е со одмерен и прецизен од, а односите на преносот во целост му одговараат на карактерот на моторот.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

ford-kuga-off-road

Како и другите модели на Ford, и Kuga има спортски дух, но во случајот на новиот модел повеќе внимание е посветено на комофорот – и тоа се забележува. Автомобилот лесно ги впива нерамнините од подлогата и не се пренесуваат вибрации во ентериерот – што е и очекувано. За сметка на тоа, управувањето има изгубено дел од директноста која ја имаше претходникот, но Kuga сепак лесно и прецизно ја следи посакуваната насока на движење – всушност, зад воланот повеќе доминира чувството како да седиме во хечбек, а не во висок и голем SUV. Сопствениците на Ford Focus ќе се чувствуваат како дома!

Имавме можност да го напуштиме асфалтот со Kuga и се израдувавме кога видовме дека без никакви потешкотии успеавме да стигнеме и малку поодалечени локации. Сето ова е благодарение на одличниот Haldex погон на сите четири тркала и моќниот вртежен момент. Кога ќе забележи пролизгување, електронскиот мозок веднаш префрла моќност кон онаа оска каде има највеќе тракција и успева да го извади автомобилот од непосакувани ситуации. За оние кои сакаат авантури, Kuga не е воопшто лош сопатник.

ford-kuga-off-road2

На крајот – опремата и безбедноста. Нашиот тестен модел дојде во Titanium ниво на опрема, што значи 17-инчни фелни, SYNC систем со 3.5-инчен дисплеј и поврзување со мобилни уреди, гласновни контроли, 6 звучници и можност за репродукција на MP3 записи. Тука се и спортските седишта делумно обложени со кожа, кожните управувач и менувач, електро-хроматскиот ретровизор, хромираните детали, централна брава со далечинско, загреваните ретровизори со електронско нагодување, цела лепеза на безбедносни системи во форма на ABS, EBA, ESP, RSC, итн, како и мноштво воздушни перничиња и завеси, follow me home светла, двозонскиот автоматски клима уред…

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

ford-kuga-front-low

Ford Kuga е автомобил наменет за оние кои имаат спортски и авантуристички дух, но не сакаат да жртвуваат од управливоста и забавата во возењето. Значи, Kuga ги исполнува очекувањата за забавен автомобил кој ги крши предрасудите за оваа класа – само затоа што автомобил има теренски способности не мора да значи дека треба да биде здодевен за управување – баш напротив, Kuga нуди можеби најдиректно и најпрецизно управување во класата, а истовремено е комфорно и пријатно место и за подолги патувања.

Кога на сето тоа ќе се додадат и богатата опременост и одличниот дизелски мотор, станува јасно дека Kuga не само што не смее да се игнорира меѓу автомобилите од оваа класа, туку тоа едноставно би било погрешно, бидејќи Ford повторно во своите раце има автомобил кој ги исполнува и надминува очекувањата.

ford-kuga-off-road3

На почетокот го поставивме прашањето – дали Ford Kuga ќе може да задоволи многу различни вкусови? Ќе си дозволиме да дадеме одговор на тоа прашање – и одговорот е несомнено да. Завидните практичност и комфор во комбинација со забавниот и компетентен карактер, но и солидните теренски способности ја прават Kuga интересна и привлечна за многу различни купувачи – скоро сите ќе најдат нешто што ќе им се допадне. Да, конкуренцијата е силна, но и адутите на Kuga се силни исто така!

  • 2-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 140 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1800 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 188 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.7 секунди
  • Должина: 4524 mm
  • Ширина: 2077 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1703 mm (со кровни носачи)
  • Меѓуоскино растојание: 2690 mm
  • Багажен простор: 456 литри
  • Потрошувачка: 7.2 (официјална, градска), 8.3 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Kuga 2.0 TDCI 4×4 Titanium – 33.750 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.