Имавме можност да поминеме неколку дена и неколку стотици километри со интересното повеќенаменско семејно возило на Opel, кое ги има најинтересните врати меѓу нормалните автомобили!
Втората генерација на Opel Meriva за прв пат беше покажана сега веќе далечната 2008-ма година во Женева како Meriva Concept, и најави храбар нов дизајнерски јазик на Opel кој требаше да го приближи германскиот бренд до купувачите, а истовремено да им понуди практичен и функционален семеен автомобил.
Првата генерација на Meriva беше успешен модел – се продаде во повеќе од еден милион примероци, па дизајнерите и инженерите на Opel решија дека нема многу да си играат со успешната формула. Практичноста и функционалноста мораат да преовладуваат. Сепак, желбата на Opel беше да отидат чекор понатаму и покрај практичноста, да дадат внимание и на дизајнот, па втората генерација на Meriva изгледа значително помодерно и посовремено од првата, малку коцкаста верзија. Дизајнот е модерен и прилично мек, без остри линии и агли. Уште на прв поглед, Meriva изгледа опуштено и пријателски настроена.
Но сепак, да посветиме веднаш внимание на најважниот детал – оние врати. Opel го нарекува системот Flexdoors, a ние немаме друг избор освен да се сложиме дека е уникатно и практично решение. Во кратки црти – предните врати се отвораат нормално, но задните се отвораат наназад, како кaj Rolls Royce. Истовремено, вратите се отвараат под агол од 90 степени, па влегувањето и излегувањето како на предните, така и на задните седишта е навистина лесно. Всушност, скоро универзална реакција од сите луѓе кои ја имаа можноста да се повозат во нашиот тестен автомобил беше дека кај сите автомобили треба задните врати да се отвараат наназад – особено популарно решение за девојките на кои влегувањето и излегувањето од автомобилот во пократко здолниште би им било значително полесно и подискретно. Единствена забелешка што ја имаме за вратите е проблемот кој се јавува баш заради широкото отворање под 90 степени – ако ја отворите целосно возачката врата и седнете внатре, ќе треба добро да се истегнете за да успеете да ја дофатите и затворите.
Истовремено, вратите олеснуват маневрирање и манипулирање со детски седишта, поголеми парчиња багаж или такви слични предмети. Пристапот е едноставно лесен – и сè додека не пробате автомобил со задни „suicide“ врати, нема да знаете дека ви недостасувале.
Ентериерот оддава чувство на софистицираност и рафинираност. При првиот контакт со возачкото седиште чувството на пространост и осветленост е неизбежно. Всушност, благодарение на релативно високата возачка позиција и големите стаклени површини, имате чувство дека седите во значително поголем автомобил.
На задната клупа исто така има навистина многу простор, а како и вратите, и задните седишта се флексибилни. По потреба може да се сместат и тројца патници, но поинтересна е можноста да се преклопи средното седиште, за задните да се поместат малку нанапред и кон средината на автомобилот за патниците да добијат значително повеќе простор за главите и рамената. Одлично решение! Мал недостаток на ова е директниот отвор кон багажниот простор кој може да изгледа малку неуредно, но истовремено и се пренесува малку повеќе бучава во просторот за патници.
Кога веќе зборуваме за забелешки, мораме да забележиме и на некои детали од ергономијата на Meriva. На пример – палките со команди за трепкачите итн, се малку предалеку од управувачот, па наместо да бидат достапни со мало потегнување со прстите, возачот мора да ја искористи целата дланка. Друга забелешка која ја имаме е насочена кон аудио уредот – има навистина многу копчиња и прекинувачи, а дисплејот е поставен врз централната конзола – па се поставува прашањето – дали возачот да гледа во дисплејот или во командите додека сака да смени радио станица? Конечно – како и кај неколку други модели на Opel, мораме да забележиме дека поголемото „тркалце“ на аудио уредот не е наменето за зголемување или намалување на гласноста на радиото, туку за промена на радио станица – па скоро редовно менувавме радио станица наместо да ја наместиме музиката малку потивко или погласно.
Генерално, материјалите кои се користени во ентериерот се прилично квалитетни. Забележавме некои за нијанса покрути пластики и неколку остри рабови, но сепак е на нивото на она што би се очекувале од класата. Интересно решение е и големата централна конзола со лизгачки наслонувач за рака – нуди навистина многу простор, но самиот простор за одлагање ситници е премногу длабок, што го прави и малку непрактичен. На патниците им стојат на располагање 397 литри багажен простор, но кога ќе се спуштат задните седишта на располагање се цели 1500 литри простор, а широкиот отвор на багажниот простор го олеснува сместувањето и на поголеми предмети.
Meriva е прилично лесен автомобил за маневрирање во градски услови – големите стаклени површини нудат одлична прегледност па лесно е да се сместите во паркинг место. Малку повисоката возачка позиција е добредојдена бидејќи дава чувство на безбедност а предните седишта се комфорни и нудат адекватна странична поддршка. Нашиот тестен модел беше опремен со 1.4-литарски турбо бензинец кој испорачува 140 коњски сили при 4900 вртежи во минута и 200 Nm вртежен момент при 1850 вртежи во минута. Одзивот на педалата за гас е прилично добар, но не е најдиректниот кој сме го пробале до сега – со цел да се зголеми економичноста на возилото. Со овој мотор Meriva постигнува 100 километри на час за респектабилни 10.3 секунди, а максималната брзина е 196 километри на час – сосема доволно за едно вакво, фамилијарно возило без спортски претензии. Официјалните бројки зборуваат за потрошувачка од 8.4 литри бензин на изминати 100 километри во градски услови – ние измеривме просечна потрошувачка од околу 9.3 литри во град. Менувачот е со релативно прецизен од, но имаме забелешка на навистина цврстата педала од спојката – сепак, ова беше можеби случај само кај нашето тестно возило, па нема да го забележиме како недостаток.
Обидувајќи се да дознаеме чива платформа користи Meriva, бевме изненадени да откриеме дека Meriva всушност не ја дели основната платформа со ниту еден друг модел на Opel. Се користат некои делови од подвозјето на некои од другите модели, но основата е уникатно изведена за Meriva – што е и логично, со оглед на распоредот и техничките решенија кај автомобилот. По улиците, Meriva се однесува возрасно, но не би го нарекле возењето возбудливо – одличен избор, со оглед на целната група кон која е таргетиран автомобилот. Во свиоци се забележува навалување, но држењето кон асфалтната подлога е одлично. Автомобилот задоволително ги впива нерамнините од патот, без да пренесува премногу вибрации кон управувачот и генерално кон ентериерот.
Нашиот тестен модел беше навистина одлично опремен – убаво профилираните седишта, управувачот и менувачот обложени со кожа, двозонскиот клима уред, аудио уредот со USB конекција и можност за Bluetooth поврзување со мобилен телефон и многуте други детали само ја комплетираат генерално позитивната слика за овој практичен, фамилијарен автомобил. За безбедноста зборуваат мноштвото воздушни перници и системи за активна и пасивна безбедност, како и 5-те ѕвездички кои Opel Meriva ги освои на EuroNCAP тестирањата.
Првата генерација на Opel Meriva немаше многу конкуренти – но поучени од успехот на моделот и другите производители почнаа да нудат мали, практични фамилијарни повеќенаменски возила. Со оглед на ова, инженерите на Opel мораа сериозно да си ја сфатат работата и да понудат автомобил кој ќе биде глава и рамења над конкуренцијата. Дури и ако ги земеме во предвид некои од забелешките кои ги имаме, сепак на крајот останува мислењето дека ова е практичен и комфорен фамилијарен автомобил кој е повеќе од подготвен да ги прифати сите предизвици на едно модерно семејство.
- 1.4-литарски, турбо-бензински агрегат
- Моќност: 140 коњски сили / 4900 вртежи во минута
- Вртежен момент: 200 Nm / 1850 вртежи во минута
- Максимална брзина: 196 км/час
- Забрзување 0-100: 10.3 секунди
- Должина: 4288 mm
- Ширина: 1812 mm
- Висина: 1615 mm
- Меѓуоскино растојание: 2644 mm
- Багажен простор: 397 литри
- Потрошувачка: 8.4 (официјална, градска), 9.3 (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Моделот ни беше отстапен од регионалниот застапник на Opel. Според нашите проценки, цената на приближно опремено возило во Македонија е околу 15.000 евра.
Фотографија: Дејан Маликовски