ТЕСТ: Toyota Yaris 1.0 VVT-I Terra – Автомобил со многу потенцијал! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Yaris 1.0 VVT-I Terra – Автомобил со многу потенцијал!

Кога производителите објавуваат фејслифт на некој модел, скоро секогаш ги истакнуваат новите и подобрени работи – Toyota ги послуша своите купувачи, па освежениот Yaris нуди значителни подобрувања.

Малиот Yaris, како и сите други модели од оваа класа, треба да ги задоволи вкусовите на многу различни купувачи. Сегашниот Yaris, кој всушност е фејслифт на третата генерација е токму таков автомобил, а со освежениот модел Toyota гласно најавува дека ќе се обиде да освои помлади купувачи.

toyota-yaris-carclub-side-rear

Третата генерација на Yaris се појави пред неколку години и ја продолжува приказната која претходните две генерации ја градеа – да се понуди мало, урбано возило кое ќе понуди задоволителна просторност и практичност, а истовремено да го понуди и легендарниот квалитет на Toyota кој нуди една доза на стабилност, доверливост и зрелост. Интересно е што Toyota ги послуша своите купувачи, па кај освежениот Yaris покрај модернизираниот дизајн (кој сега е во тек со дизајнот претставен кај Aygo), нуди и низа други подобрувања. Всушност – луѓето во Toyota беа толку сериозни и посветени на освежувањето на Yaris – што потрошија импресивни 90 милиони евра на него!

toyota-yaris-carclub-front

Сепак, да започнеме токму од дизајнот. Новиот изглед на Yaris очигледно влече инспирација од малиот Aygo. Карактеристичната и забележлива предна маска присутна е и тука – можеби нема да се допадне секому, но мораме да признаеме дека е забележителна и успева да го издигне Yaris скалило-две погоре на листата – веќе го нема конзервативниот (и малку здодевен) дизајн – сега Yaris е веднаш препознатлив и настапува значително похрабро и посамоуверено меѓу конкуренцијата. Другите измени не се толку големи – затегната линија ваму, изменети светлосни групи таму – и тоа е тоа.

toyota-yaris-carclub-interior

Она што сепак се забележува е чекорот нагоре во квалитетот на материјалите кои се користени во ентериерот. Ако можеме да кажеме една генерална забелешка за моделот пред фејслифтот – тоа е дека материјалите во ентериерот нудеа простор за подобрување. Не е дека беа неквалитетни – како и секоја друга Toyota, имате чувство дека автомобилот ќе преживее нуклеарна војна – туку дека беа груби и помалку непријатни на допир. Со задоволство можеме да кажеме дека материјалите во ентериерот и звучната изолација се забележливо подобрени. Прегледноста е задоволителна благодарение на големите стаклени површини и можеби највисоката седечка позиција во класата, сите команди и прекинувачи се прилично јасни и лесни за користење – но би сакале аудио уред кој изгледа нијанса помодерно. Да, ова е едно од основните нивоа на опременост, но сепак би сакале малку помодерен мултимедијален уред. Од друга страна, просторната понуда во Yaris е меѓу најдобрите во класата – простор има повеќе од доволно, а возачот и патниците ќе имаат на располагање 286 литри багажен простор – всушност, Yaris има меѓу најголемите багажници меѓу конкурентите!

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

toyota-yaris-carclub-interior2

toyota-yaris-interior

Онаму каде Yaris се издвојува од конкуренцијата, и всушност потенцијалот за кој зборуваме е токму можноста да се добие модел со хибриден погон. Да – можете да добиете хибриден Yaris! Во ред, цената е можеби значително повисока, но ќе добиете навистина многу технологија со оглед на класата. Хибридниот Yaris ветува 100 километри на час за 11.8 секунди и максимална брзина од 165 километри на час, и сето тоа искомбинирано со просечна потрошувачка од 3.5 литри на 100 километри при комбинирано возење! Едноставно, мораме да им признаеме на инженерите од Toyota дека направиле мало возило кое е подготвено да одговори на еколошките барања на модерните европски купувачи.

Сепак, ние не го имавме на располагање хибридниот Yaris, туку имавме на тест модел со 1-литарскиот VVT-I бензинец кој испорачува 69 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 95 Nm вртежен момент при 4300 вртежи во минута. Овој мотор ветува емисија на само 99 грама CO2 на изминат километар како и градска потрошувачка од 5.6 литри на 100 километри. Ние не успеавме да стигнеме до таа бројка – измеривме околу 6.8 литри на 100 километри во град, односно некаде околу 6 литри на 100 километри при комбинирано возење. Перформансите не би ги нарекле спектакуларни – 100 километри на час пристигнуваат за 15.3 секунди, а максималната брзина е 155 километри на час – но се во рамките на очекуваното со оглед на моторот. За оние кои сакаат подобри перформанси тука е одличниот 1.3 VVTi со 100 коњски сили кој стигнува „до стотка“ за нешто помалку од 12 секунди, а за поштедливите тука е 1.4-литарскиот D-4D турбодизел со 90 коњски сили, како и веќе-споменатиот хибриден Yaris.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

toyota-yaris-carclub-side-rear2

Во градски услови Yaris е токму онаков каков што и очекувавме – агилен, подвижен и лесно маневрабилен. Благодарение на компактните димензии и добрата прегледност протнувањето низ градскиот метеж и паркирањето по тесните урбани паркинг-места е лесно. На отворен пат треба да бидете подготвени и соодветно да планирате доколку сакате да претекнете, но гледано во целост Yaris е комфорно место за патување. Тука улога играат и пневматиците со повисок профил, како и суспензијата која е повеќе ориентирана кон комфор – во внатрешноста е мирно и нема многу пренесени вибрации. Сепак, би сакале малку повеќе звучна изолација и доколку поредовно возиме на отворен пат дефинитивно би одбрале малку помоќен мотор. Ниту управувањето не отстапува од очекуваното – директно но наклонето кон подуправување доколку малку повеќе го испровоцирате.

toyota-yaris-carclub-side-rear-top

Малиот Yaris конечно почнува да го остварува својот потенцијал. Охрабрен од несекојдневната понуда на погонски опции и докажаниот квалитет на Toyota, но и освежениот ентериер и похрабриот дизајн, Yaris ќе се обиде да привлече повеќе и помлади купувачи. Секако, адут е и опременоста – нашиот тестен модел дојде со управувач и менувач обложени со кожа, странични ретровизори со електрично нагодување и затоплување, клима уред, аудио уред со USB и AUX приклучоци, систем за контрола на стабилноста, систем против блокирање на кочниците, многу воздушни перници, електрика на предните прозорци и уште многу други „дребулии“. Отидете ниво-две погоре и ќе добиете значително подобар мултимедијален уред кој можете да го поврзете со вашиот мобилен телефон, алуминиумски фелни, паркинг камера и многу друго! Секако, благодарение на системите за безбедност и многуте воздушни перници, Yaris може да се пофали и со 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

toyota-yaris-euroncap

Toyota храбро се бори да го издигне Yaris меѓу најдобрите во класата и да го направи привлечен за различни профили на купувачи. Малиот автомобил е несомнено компетентен и подготвен да се справи со секакви предизвици, а значителниот редизајн и доработениот ентериер секако се на негова страна. Toyota му посвети повеќе внимание од она што е вообичаено за феслифт на малиот Yaris, а придобивките се повеќе од очигледни – урбаниот Јапонец се стреми да се докаже меѓу конкурентите!

  • 1-литарски атмосферски бензински мотор
  • Моќност: 69 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 95 Nm / 4300 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 155 км/час
  • Забрзување 0-100: 15.3 секунди
  • Должина: 3950 mm
  • Ширина: 1695 mm
  • Висина: 1510 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2510 mm
  • Багажен простор: 286 литри
  • Потрошувачка: 6.8 литри на 100 километри (измерена, градска); 5.6 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Yaris 1.0 VVT-I Terra – 11.490 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.