ТЕСТ: Seat Ibiza 1.2 Reference – За оние кои сакаат малку Шпански шарм! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Seat Ibiza 1.2 Reference – За оние кои сакаат малку Шпански шарм!

Seat Ibiza дели многу од своите гени со Volkswagen Polo и популарната Skoda Fabia, но истовремено нуди и малку повеќе шарм од своите роднини од Volkswagen групацијата!

Малата SEAT Ibiza е веќе во својата четврта генерација, а на пазарот е од 2008-мата година. Неодамна Ibiza доби дискретен фејслфит со кој и беа затегнати брчките и испеглани нерамнините, па ние ја искористивме можноста да поминеме ден-два со еден од најстарите модели во тековната понуда на Шпанскиот бренд.

seat-ibiza-front-details

Ibiza се нуди како хечбек со пет врати, купе со три врати, но и во караванска изведба. На врвот, секако е Ibiza Cupra. Она што ние го имавме на неколкудневен тест беше верзијата со пет врати, 1.2-литарски атмосферски бензински мотор со 70 коњски сили и Reference ниво на опрема. Ова е своевиден вовед во Ibiza бидејќи ова не само што е основниот мотор со кој се нуди овој автомобил на нашиот пазар, туку и основното ниво на опрема.

seat-ibiza-side

Сепак, да започнеме со дизајнот. Кога се појави новата генерација на Ibiza пред неколку години, предизвика вистинска лавина реакции кај фановите на брендот. SEAT секогаш бил бренд со спортски претензии, но дизајните истовремено биле складни и резервирани, кои иако беа наменети кон помладите купувачи сепак нудеа нишка на созреаност. Новата Ibiza не само што го напушти тој тренд, туку понуди дизајн кој навистина го привлече вниманието на помладите со својата храброст и несекојдневност, и воведе вистинско освежување во класата. Истиот тренд е продолжен и со фејслифтот, каде со дискретното затегнување на линиите и некои нови детали Ibiza е забележливо освежена.

На предниот дел доминираат големите светлосни структури, од страна вниманието го задржуваат „прекршените“ карактерни линии а задниот дел е дефиниран од големите задни светла, но и централно-поставениот знак на SEAT кој истовремено е и рачка за отворање на петтата врата.

seat-ibiza-rear

Би сакале нашиот тестен модел да имаше и алуминиумски фелни, како и светла за магла за барем визуелно целосно да бидат заокружени спортските претензии на Ibiza, но тие елементи се достапни со некое од повисоките нивоа на опрема.

Отворете ја возачката врата и во внатрешноста ќе бидете пречекани од спартански, но сепак препознатлив ентериер. Возачкото седиште се прилагодува по висина, а управувачот и по висина и по длабочина па лесно се пронаоѓа комфорна позиција за возење. Седиштата се комфорни, но не нудат скоро никаква странична поддршка а управувачот е гумен – за управувач обложен со кожа ќе морате да одберете повисоко ниво на опрема. Интересна е одлуката за поставување на контроли за радиото позади воланот, на засебна рачка која е лесна за користење, но би преферирале покласични команди поставени на самиот управувач.

На задната клупа, исто како и кај другите автомобили од оваа класа има доволно место за двајца патници доколку е потребно, но сепак не би препорачале патување кон предалечни дестинации. На располагање ќе имате 292 литри багажен простор – бројка која е е меѓу повисоките во класата, но задната клупа не е деллива во ова ниво на опрема.

seat-ibiza-interior-boot

Благодарение на 14-инчните челични тркала и пневматици во димензија 175/70, Ibiza е изненадувачки комфорно место за патување. Суспензијата ги впива нерамнините од патот и возењето е прилично пријатно и тивко. Секако, директен резултат на високите гуми и меката суспензија е поизразеното навалување во свиоци, но сепак ова е основното ниво на опрема кое да бидеме искрени и нема некои вистински спортски претензии. Би сакале и за нијанса повеќе звучна изолација.

Од друга страна, 1.2-литарскиот бензинец кој го носеше тестниот модел ни е добро познат. Малиот, три-цилиндерски мотор испорачува 70 коњски сили при 5400 вртежи во минута и 112 Nm вртежен момент при 3000 вртежи во минута. Забрзувањето до 100 километрина час трае 13.9 секунди а максималната брзина изнесува 163 километри на час. Ова е мотор кој наметнува порелаксиран стил на возење и бара соодветно планирање од возачот кога ќе се впушти во претекнување на отворен пат. Официјалните бројки сугерираат потрошувачка од 7.1 литри бензин на 100 километри во град, но според нашите мерења таа изнесува околу 8.2 литри во истите услови.

Исто како и кај Polo, и кај Ibiza кога станува збор за мотор нашиот избор би бил 1.2-литарскиот TSI со 105 коњски сили, кој покрај тоа што нуди зголемена моќност, нуди и значително намалена потрошувачка.

seat-ibiza-interior2

Нашиот тестен модел дојде опремен со ESP систем за стабилност, ABS систем против блокирање на кочниците, како и систем за контролирање на тракцијата. Во ова ниво се достапни само две воздушни перници – за возачот и совозачот, но според Euro NCAP тестирањата Ibiza е мошне безбеден автомобил за што сведочат 5-те ѕвездички добиени при тестирањето на автомобилот во 2011 година. Дополнително, меѓу опремата ги истакнуваме клима уредот, централното заклучување, електриката на предните прозорци, електрично подсеување на страничните ретровизори кои воедно имаат и греење и уште некои ситници кои го комплетираат Reference нивото.

seat-ibiza-euroncap

Останува да го изнесеме конечниот заклучок – а тоа е дека Ibiza е автомобил за оние кои сакаат малку поспортски карактер и шарм од своето возило, а истовремено тоа возило да ги дели квалитетните германски гени на Volkswagen Polo. Изберете добар мотор и повисокото, Style ниво на опрема и ќе добиете одличен автомобил со германски гени и Шпанска страст. А доколку сте навистина храбри, тука е и Ibiza Cupra!

  • 1.2-литарски атмосферски бензински мотор
  • Моќност: 70 коњски сили / 5400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 112 Nm / 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 163 км/час
  • Забрзување 0-100: 13.9 секунди
  • Должина: 4061 mm
  • Ширина: 1693 mm
  • Висина: 1445 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2469 mm
  • Багажен простор: 292 литри
  • Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска); 7.1 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Seat Ibiza 1.2 Reference – 12.368 Евра
    Повеќе информации: SeatMacedonia.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.