Иако ова што го гледаме не е OPC моделот кој навистина може да се окарактеризира како спортски, сепак и новата Corsa OPC Line може да се пофали со спортски карактер.
Новата Corsa со сигурност ќе добие и спортска OPC верзија која би требало да има околу 200 коњски сили, но сега за сега фановите на Opel ќе мораат да се задоволат со OPC Line верзијата која изгледа спортски, но ќе се нуди со „цивилни“ мотори. Corsa OPC Line добива преден спојлер, странични прагови како и спојлер на задната врата, а ќе има и црни детали, како и хромиран завршеток на издувниот систем.
Купувачите ќе можат да нарачаат и OPC Line ентериер кој нуди спортски управувач, рачка на менувачот обложена со кожа и алуминиумски педали. На фотографиите се забележуваат и сјајно-црни детали, како и црвени акценти. Новата Opel Corsa можете да ја нарачате со неколку мотори – турбо-полнет три-цилиндерски бензинец со 90 или 115 коњски сили, турбо-полнет 1.4-литарски бензинец со 100 коњски сили и 200 Nm вртежен момент, како и атмосферските 1.2-литарски или 1.4-литарски бензинци со 70, односно 90 коњски сили. За љубителите на дизелот, тука е 1.3-литарскиот CDTi со 75 или 95 коњски сили.