Lamborghini приреди вистинско изненадување во Париз – го претстави хибридниот Asterion кој евоцира спомени на легендарната Miura и нуди хибридна технологија во комбинација со врескачки V10!
Ова е прв обид на Lamborghini да направи plug-in хибрид. Автомобилот не само што нуди многу нова и неочекувана технологија за брендот, туку и дизајнот е посмирен и сугерира дека Asterion е повеќе гранд туринг возило отколку екстремен супер автомобил како што е Aventador. Лесно се забележливи деталите кои евоцираат спомени на легендарната и незаменлива Miura!
Сепак – да започнеме со името. Asterion е друго име за Минотаурот од грчката митологија – суштеството што е половина човек, половина бик – интересна игра со името на автомобил кој е хибриден. LP означува „longitudinale posteriore“, односно зборува за поставеноста на моторот, I означува „ibrido“, 910 ја означува вкупната сила, а 4 го симболизира погонот на сите четири тркала.
Asterion го носи 5.2-литарскиот V10 мотор од Huracan, но тој ги придвижува само задните тркала преку 7-степен DSG менувач. Предните тркала ги придвижуваат два електрични мотори, а трет електромотор е поставен во менувачот. Трите електрични мотори имаат вкупна сила од 296 коњски сили а ги „храни“ литиум-јонска батерија. Според Lamborghini, хибридната технологија тежи околу 250 килограми, а перформансите се импресивни – 100 километри на час пристигнуваат за 3 секунди, додека максималната брзина изнесува 320 километри на час.
Интересен детал е дека автомобилот може да вози само на струја при брзини до 125 километри на час, и во тој случај Asterion е првото (и единствено) Lamborghini со погон на предните тркала. Комбинираната потрошувачка е 4.2 литри на 100 километри, со емисија на штетни гасови од 98 грама CO2 на изминат километар, а автономијата на струја изнесува 50 километри. Сега за сега Lamborghini не најавува дали ќе го пушти Asterion во сериско производство, но со сигурност ќе ја следи реакцијата на јавноста и потенцијалните купувачи.
Ајде Lamborghini, направете го!