SAAB – Ретроспектива и збогување.. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

SAAB – Ретроспектива и збогување..

Бидејќи навистина го сакаме SAAB, решивме да направиме една ретроспектива на неговата историја, која верувајте е навистина уникатна и интересна!

SAAB е еден од оние брендови кои никогаш не постигнаа некоја особена популарност. Причините за тоа се многу и би било невозможно да ги откриеме и наброиме сите. Реалноста е дека згасна еден уникатен, карактерен и привлечен бренд, кој со вистинската комбинација од дизајн, технологија и комфор успеа да ги привлече вистинските познавачи.

За жал, малкумина се оние кои виделе Сааб кај нас. Шведскиот бренд никогаш официјално не се продаваше на нашиот пазар, па кога ќе се појавеше некој од автомобилите, тие што знаат што гледаат заинтересирано ги вртеа погледите кон невообичаената форма и малку чудниот Шведски дизајн.

Историјата на SAAB започнува во далечната 1938ма година, но не како производител на автомобилите. Компанијата Swenska Aeroplan AB (од која што понатаму беше извлечено името SAAB) започна со производство на авиони за употреба во втората светска војна. На почетокот компанијата произведувала копии на Германски и Американски бомбардери и ловци, но понатаму започнала да произведува и сопствени модели.

По крајот на војната компанијата веќе немала потреба да произведува толку многу војни летала, па се ориентирала кон производство и на цивилни модели, а едно летало кое се произведува со години е воениот ловец Viggen. Познавачите веќе знаат дека спортските возила на SAAB ја носат оваа ознака.

Првиот модел кој SAAB го произведувал ја носел ознаката 92 и почнал да се произведува во 1949-тата година иако работата на овој модел започнала цели пет години порано, кон самиот крај на втората светска војна. Компанијата сакала да започне производство на возила и посветила навистина многу време за да го подготви и презентира својот прв производ. Моторот бил двоцилиндричен и двотактен, со капацитет од 750 кубни сантиметри.

Мораме да напоменеме дека уште на самиот почеток, раководителите на SAAB биле заинтересирани за спортски натпреварувања – во 1950-тата година два автомобили на SAAB учествуваа и го завршија Monte Carlo релито – и тоа било навистина голем успех за толку „тазе“ производител.

Од моделот 92 произлегоа и моделите 93 и 95. Моделот 93 имал ситни измени, но бил понуден со трицилиндричен мотор, а 95 била караванската изведба на овој модел, која се појавила на крајот на 1959-тата година.

Моделот наследник на 93 бил моделот 96, кој бил презентиран во Февруари 1960. Моделот имал уникатен мотор во V4 изведба и се продавал се до 1980-тата година. Модел 96 беше за Швеѓаните оноа што за Германците беше легендарната и популарна Буба. Се појави и моделот 99, кој беше одговор на потребите за поголемо возило, а веќе во 1970-тата година SAAB го продаде своето 50.000-то возило. Само шест години подоцна ја стигнаа бројката од еден милион продадени возила.

За да разбереме зошто SAAB  е толку значаен бренд, мораме да се навратиме на технолошките иновации кои тие ги донесоа на пазарот. Една од тие иновации е сигурносната ќелија која беше понудена уште во првиот модел – SAAB 92. Моделот GT750 беше еден од првите автомобили кои во сериска опрема нудеа безбедносни појаси, а моделите кои се појавија на пазарот во 1972-рата година беа први модели кои нудеа греачи во седиштата и само-исправувачки одбојници кои можеа да издржат удари до 8 километри на час.

Легендарниот рели возач Stig Blomquist беше зад управувачот на SAAB 99 Turbo кој се појави во 1978. Stig и SAAB имаа одлични заеднички успеси, а SAAB помогна турбо технологијата да ја зголеми својата популарност кај широката популација.

Еден од најпопуларните автомобили на SAAB е всушност моделот 900, кој во своите различни изведби се продаваше се до 2002-рата година. Неколкуте генерации се попознати под ознаките 900, 9000, NG900 и 9-3. Всушност, SAAB 9000 од 1987-мата година беше првото возило со погон на предните тркала кое нудеше и ABS систем за заштита од пролизгување.
Во 1986-тата година три модели на SAAB 9000 Turbo 16 успеаа да скршат 21 рекорд! Неверојатна бројка, а еден од рекордите беше за најбрзо изминати 100.000 километри – најбрзиот автомобил го направи тоа со просечна брзина од 213 километри на час!

Кон крајот на 80-тите години, поточно во 1980-тата година, General Motors (GM) објави дека ќе купи 50% од акциите на SAAB. По само неколку години се појавија првите заедничко дизајнирани автомобили – а првиот беше SAAB 900 кој се појави во 1993-тата година. Една година подоцна се појави и SAAB 900 V6 со мотор во V6 изведба.

Наскоро се појави и редизајнираниот 900, кој го доби името 9-3, а беше заменет дури во 2002-рата година кога новата генерација 9-3, базирана на Opel Vectra го замени успешниот и препознатлив модел. Во меѓувреме се појави и моделот 9-5, кој се продаваше до неодамна, кога беше презентиран и новиот 9-5. За жал, тоа беше последниот модел кој SAAB го понуди на пазарот пред компанијата да згасне.

Пред самиот крај, SAAB го прикажа и концептот Phoenix, со симболично име и надеж дека уникатниот и напреден концепт ќе успее да ја крене компанијата од пепелта. За жал, упорноста на GM да не го продаде SAAB на Кинески инвеститор заради страв од одлив на интелектуална сопственост и технологии, значеше и крај за Шведскиот бренд. Сеуште има гласини дека можеби SAAB повторно ќе заживее, и ние искрено се надеваме дека тоа еден ден ќе се случи.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.