Една од премиерите која Peugeot ја подготвува за авто-салонот во Женева е токму спортската верзија на Peugeot 208, која со 200 коњски сили, сосем заслужено ќе ја носи легендарната ознака GTi!
Спомнете ни ги Peugeot и GTi во иста реченица, и веднаш почнуваме да се навраќаме на легендарното Peugeot 205 GTi, кое владееше на рели стазите, но и на улиците. Малиот хечбек од Франција беше одличен пример за тоа како еден мал, достапен и забавен спортски автомобил треба да изгледа и да биде спакуван. Токму затоа, секогаш со внимание гледаме и слушаме кога Peugeot ќе најави модел со ознаката GTi!
208 GTi е само концепт, но познавачите добро знаат дека ова е дискретно маскиран концепт и предвесник на серискиот модел, кој може да го видиме веќе до крајот на оваа година а ќе почне да се продава од почетокот на следната. Под поклопецот на моторот се крие 1.6-литарскиот турбо мотор на Peugeot, кој веќе сме го виделе во 308 GT и Peugeot RCZ и испорачува 200 коњски сили и 245 Nm вртежен момент. Ова е повеќе од доволно за возило од оваа класа и е одличен одговор на конкуренцијата, која нуди слична моќност кај своите жешки модели.
Има и ситни козметички додатоци, како на пример дискретниот аеро пакет кој суптилно ги проширува крилата за да може да бидат поставени поголеми тркала со дијаметар од 17 инчи, но и мал спојлер, странични прагови, преден браник, како и заден браник со мал дифузер. Интересна е и опцијата на предниот браник да биде поставено знамето на земјата од каде потекнува купувачот.
Дали тоа значи дека во Македонија ќе можеме да видиме 208 GTi со Македонско знаме на браникот?