Шведскиот производител ги потврди деталите околу моторите во новиот XC90 – на врвот ќе биде XC90 T8 хибридот со погон на сите четири тркала, 395 коњски сили и емисија од само 60 грама CO2 на километар.
Иако кросоверот со седум седишта сè уште не е официјално објавен – очекуваме официјални фотографии во Август оваа година – Volvo почнува да ги подгрева потенцијалните купувачи. Веќе знаеме како ќе изгледа ентериерот, а денес пренесуваме и некои детали околу моторите.
Најважната вест е токму онаа за моделот кој ќе ја носи ознаката Т8. Се работи за plug-in хибрид кој ќе може да се пофали импресивни 395 коњски сили и 640 Nm вртежен момент и импресивно ниска емисија на штетни гасови од „околу 60 грама CO2 на изминат километар.“ Volvo го нарекува ова „Twin Engine Technology“ и со цел да се добие оваа комбинација соработуваат 2-литарски бензинец со четири цилиндри, турбо и компресор, и хибриден електричен погон.
При нормално возење, XC90 ќе биде со погон на предните тркала. Задните тркала ќе ја добиваат силата од електричен мотор со моќност од 60 киловати. Возачите ќе можат да изберат и безшумно возење на струја, а ќе можат батериите да ги дополнуваат дома. Според Volvo, благодарение на компресорот моторот ќе биде моќен и на ниски вртежи, додека турбополначот ќе биде задолжен за моќ на повисоки вртежи. Технологијата е многу слична како онаа која Volkswagen ја имплементираше кај своите TSI мотори со турбополнач и компресор.
Интересно е да напоменеме дека во иднина XC90 ќе биде придвижуван исклучиво од мотори со четири цилиндри. Во понудата ќе се најдат и дизел мотори – тука ќе бидат D4 со 187 коњски сили и 400 Nm, како и D5 со 222 коњски сили и 470 Nm. Овие мотори ќе трошат 5 односно 6 литри на 100 изминати километри, соодветно.