По вчерашната интернет-премиера, Volkswagen GTI Roadster ја доживеа својата целосна, вистинска премиера денес во центарот на Reifnitz, на овогодинешниот Wörthersee фестивал!
Volkswagen Vision GTI е автомобилот кој сите ние ќе можеме виртуелно да го возиме во Gran Turismo 6, но денес беше неговата вистинска премиера на Worthersee фестивалот во Австрија. Дело на тројца млади дизајнери на Volkswagen – Malte Hammerbeck, Domen Rucigaj и Guillermo Mignot, GTI Roadster оддава почит на спортскиот Golf GTI кој за прв пат се појави во сега веќе далечната 1976-та година. Овие тројца дизајнери победија на внатрешен натпревар на Volkswagen каде се бираше возило со кое ќе се прослави 15-годишнината од првата Gran Turismo игра. Победничкиот дизајн покрај Klaus Bischoff, одговорниот за дизајн во Volkswagen, го бираше и Kazunori Yamauchi – креаторот на Gran Turismo.
Студијата, која очигледно влече инспирација од Vision GTI концептот прикажан минатата година, е придвижуван од 3-литарски V6 би-турбо TFSI бензинец кој испорачува 503 коњски сили и 560 Nm вртежен момент. Моторот работи во соработка со 7-брзински DSG менувач со двојна спојка а силата се пренесува кон подлогата преку 4Motion системот за погон на сите четири тркала. Автомобилот е тежок 1420 килограми и постигнува 100 километри на час за 3.6 секунди, додека максималната брзина е 306 километри на час. За запирањето се задолжени керамички кочници кои се кријат позади 20-инчни тркала обвиени во 235/35 гуми напред и 275/30 гуми позади.