Ferrari подготвува поекстремна верзија на LaFerrari која ќе биде наменета само за тркачките патеки, која можеби ќе добие турбополнет V6 мотор инспириран од Formula 1!
Добро-поврзаните момци од Top Gear дознаваат дека Ferrari веќе има тестирано ваква варијанта за својот знаменосец. Секако, и V6 турбо-бензинецот ќе работи во соработка со хибриден систем, но целта е дополнително намалување на тежината со што би се подобриле времињата кои LaFerrari XX може да ги постигне на тркачките патеки. Дополнително за тоа ќе биде задолжена и подобрената аеродинамика, како и мазните, тркачки гуми.
LaFerrari постигнува 100 километри на час за 2.8 секунди, а само четири секунди подоцна стигнува и до 200 километри на час. Максималната брзина изнесува 350 километри на час – тука не зборуваме за автомобил што е спор, во ниту една варијанта. Интересно ќе биде да видиме како всушност инженерите од Ferrari ќе можат да го подобрат овој монструм. Antonella Coletta изјави дека веќе „навистина е тешко да се подобрат перформансите на LaFerrari“, но истовремено потврди дека LaFerrari XX програмата не е само околу перформансите – како што напоменавме, ќе се работи на аеродинамиката и на гумите, но и на суспензијата на автомобилот.
LaFerrari XX ќе се појави на почетокот на следната година. За цената воопшто нема потреба да дискутираме – но ќе биде интересо да видиме што може Ferrari да направи кога конструира автомобил кој не е наменет за обичните улици (и нема ни да биде легално да биде возен по нив), па нема да има потреба да се придржува до никакви ограничувања.
Извор: Top Gear