Компанијата David Brown Automotive веќе подолго време го најавува своето првенче – и денес можеме да ви покажеме што точно тие подготвуваа!
David Brown Automotive го влече името од David Brown, еден од сопствениците на Aston Martin, но нема никаква врска со него. Сепак, тоа не ги спречило да направат автомобил кој влече многу инспирација од легендарните модели на овој луксузен Британски бренд.
Каросеријата на автомобилот кој се вика едноставно Speedback е целосно рачно изработена, а под елегантната и ретро „кожа“ се крие модерно срце од Jaguar XKR – а тоа значи одлична шасија и моќен компресорски V8 бензинец кој испорачува 510 коњски сили и 625 Nm вртежен момент – доволно за Speedback да постигне 100 километри на час за само 4.5 секунди и да забрзува сè до максималните (и електронски ограничени) 250 километри на час.
За екстериерот, компанијата кажува дека се влечени инспирации од старите модели на Aston Martin, но и од некои од легендарните модели на Ferrari и Maserati од 60-тите години на минатиот век. Како и надворешноста, и ентериерот е луксузно преработен и обвиен во најквалитетната кожа, дрво и алуминиум. Според челниците на компанијата, тие сакале автомобил со ретро дизајн кој истовремено ќе ги нуди сите модерни технологии кои го олеснуваат животот.
Ние мислиме дека успеале, а вие?