Astra е веќе пет години стар модел и Opel веќе работи на наследнкот кој треба да се појави во 2015 или 2016 – но веќе почнаа да кружат гласини за тоа каков ќе биде новиот модел.
Според изворите на некои магазини во Opel, новата Astra ќе влече инспирација и ќе наликува на концептот Monza кој се појави минатата година и привлече навистина многу внимание. Челниците на Opel веќе јавно зборуваат дека сакаат да го издигнат Opel и да го приближат кон премиум производителите, а за тоа да го постигнат токму Astra е моделот кој треба навистина „да го погодат“, па новата Astra ќе има стајлинг кој ќе го стави токму во оваа категорија на автомобили.
Opel веќе најави дека новата Astra покрај Германија, ќе се произведува и во Гливице, Полска и Елсмир Порт во Чешир, Велика Британија. Opel планира да инвестира околу 300 милиони евра во овие две фабрики за да ги издигне на ниво кое е потребно за производство на новата Astra.
Новата Astra ќе биде вистински технолошки излог за Opel – покрај новата, полесна платформа која Opel ја подготвува, во Astra ќе се најдат и нови, чисти и економични мотори. Според изворите, еден од најважните нови мотори е токму 1-литарскиот 3-цилиндерски турбо-бензинец со 115 коњски сили, како и новите 1.6-литарски турбо бензинци и турбо-дизели. Веќе е извесно дека Astra ќе добие и нови, помодерни и полесни менувачи кои дополнително би требало да ја намалат потрошувачката.