Премиера: Koenigsegg One:1 – Првиот мега-автомобил! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Koenigsegg One:1 – Првиот мега-автомобил!

Шведскиот произвoдител го откри многу-очекуваниот One:1 кој планира да го превземе приматот за најбрз сериски автомобил.

Koenigsegg One:1 е претставен како првиот мега-автомобил, поради тоа што нуди еден мегават сила што во превод значи дека неговиот 5.0-литарски V8 агрегат испорачува 1,360 коњски сили и вртежен момент од 1,371 Nm, при 6000 вртежи во минута. Оваа огромна сила е заробена во тело кое тежи 1360 килограм, што му овозможува на возилото совршен однос на сила со тежина од 1:1. Дистрибуцијата на тежина е 44 проценти напред / 56 проценти назад.

Koenigsegg One:1

За испорака на силата кон задните тркала се грижат автоматски менувач со двојна спојка и седум степени на пренос, како и електронски диференцијал. Се очекува автомобилот да забрзува од место до 400 километри на час за околу 20 секунди, а неговата максимална брзина ќе биде околу 440 километри на час, со што ќе ја надмине неодамна утврдената на Hennessey Venom GT. Сепак, покрај брзината на правци, One:1 ќе биде подеднакво импресивен и на кривулести патишта. Неговите технички спецификации тврдат неверојатни две гравитациони сили во свиоци.

Koenigsegg One:1

Ова е постигнато благодарение на тоа што Koenigsegg ја надгради задната суспензија со активни амортизери и карбонски пружини, додека системот за сопирање е преземен од Agera R, но сега ќе извршува полесна работа поради олеснувањето на шасијата. Како резултат на ова, за застанување од 400 км/ч ќе му бидат потребни само 10 секунди. Автомобилот е поставен на карбонски фелни со големина од 19-инчи напред и 20-инчи на задната оска, обвиени во специјални Michelin Cup пневматици со брзински индекс до 440 км/ч.

One:1 може да се погонува на нормален бензин, но и на E85 биогориво или тркачко гориво. Неговата светска премиера ќе се одржи на автомобилскиот саем во Женева, додека производството ќе биде ограничено на само шест примероци кои се веќе продадени.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.