ТЕСТ: Lexus IS300h F SPORT – Чудо на модерната технологија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus IS300h F SPORT – Чудо на модерната технологија!

Новиот IS на Јапонскиот луксузен бренд носи многу новитети, многу нова технологија и храбар нов дизајн, а ние поминавме неколку дена со технолошки најнапреднатата верзија на овој модел.

Веднаш ќе признаам дека бев малку скептик кога се појавија првите фотографии од новиот IS. Навикнат на резервираната дизајнерска филозофија на Lexus, новиот IS ми изгледаше премногу агресивно, премногу нападно – дури и малку нецивилизирано. Веќе ги немаше складните и чисти линии на двата претходници – беа заменети со истакната агресивност и нагласен спортски карактер.

lexus-is300h-front-side

Но, како ретко до сега, импресиите во живо се сосема различни. Не постои друг начин да го опишам во еден збор – освен wow! Во ред, малку несекојдневен и несоодветен збор за Македонското поднебје, но сепак, навистина се обидувам и не можам да најдам збор за да успеам да го опфатам во целина новиот IS. Истакнатата агресивност не само што му прилега на новиот IS, туку и безкомпромисно го издвојува од (во споредба) традиционалната конкуренција. Lexus како да им ја фрли ракавицата на своите конкуренти – „Тука сме, еве кои сме. Каде сте вие?“

lexus-is300h-rear-side

На улиците – најблаго кажано – Lexus IS привлекува внимание. Несекојдневните форми, чудните предни светлосни структури и F-Sport пакетот кој доаѓа со уште поагресивни браници и големи фелни го постигнуваат ефектот. Луѓето на улица го забележуваат IS, малите деца покажуваат со прст кон несекојдневната форма, а вљубениците во автомобили со дискретна почит гледаат кон него. Се гледа дека дизајнерите на Lexus се обидувале да ја следат генетиката на IS, но во еден момент најверојатно им дошло преку глава и ги живееле најлудите соништа. Полн погодок? Можеби не во сечиви очи, но без никаква резерва можам да кажам дека Lexus IS е еден од оние ретките модели кои сакале или не, ќе ги забележите и ќе им обрнете внимание.

Флуидниот дизајн како да не завршува – линиите се проткајуваат околу целиот автомобил и оформуваат интересна целина која е одлично пропорционирана – всушност, волку добро погодени пропорции кај еден нов автомобил се вистинска реткост. Пропорциите на класичен спортски седан се тука – издолжениот (но не предолг) преден дел, ниско поставениот дел за патници и краткиот и високо поставен заден дел изгледаат одлично од било кој агол. Секако, голема улога играат и големите спортски фелни обвиени во нископрофилни гуми. Постои само еден начин да го завршам мојот „говор“ за дизајнот на IS F-Sport – еден од оние автомобили кон кои се завртувам назад, да ги погледнам уште еднаш кога ќе паркирам.

lexus-is300h-interior1

Сепак, Lexus не би бил Lexus ако не понуди и ентериер од кој застанува здивот. Поточно, ентериер во кој најверојатно би можел со задоволство да живеам. Да, многу внимателно би јадел внатре, но би можел да живеам тука. Седиштата се меѓу најкомфорните на кои сум имал задоволство да седнам, и повеќе-од-инцидентно евоцираат спомени на класичните спортски седишта во кои се седи ниско и малку налегнато. Совршената возачна позиција се наоѓа навистина лесно а сите контроли се јасни и прегледни за користење. Централниот инструмент е „позајмен“ од ултра-спортскиот Lexus LFA и секој пат кога ќе се придвижеше лево-десно останував малку подзинат. Зошто секој автомобил го нема ова?

lexus-is300-dials

Сите површини во ентериерот се изработени од материјали со највисок квалитет. Почнувајќи од кожата, па до сите гумени и пластични површини, едноставно не најдов материјал на кој имам забелешка. Интересниот начин за контролирање на клима уредот и иновативниот систем за контрола на мултимедијалниот уред кој потсетува на компјутерско глувче се интересни и забавни за користење. Да, контролерот за мултимедијалниот уред бара малку навикнување, но по само неколку часа поминати во автомобилот станав експерт за манипулирање со сите „играчки“ кои IS ги нуди.

lexus-is300-interior-gears

А нуди многу – двозонскиот клима уред можеби не треба ни да се споменува – но седиштата со греење и ладење, греењето на управувачот, трите различни режими на работа (за ова малку подоцна), паркинг камерата, електричното нагодување на локацијата на воланот и на седиштата, одличниот Mark Levinson аудио уред, дисплеите кои прикажуваат како работи хибридниот погон, и уште мал милион други ситници, уреди и системи кои го прават Lexus IS да биде вистинско чудо – вистински Playstation на тркала!

На задните седишта има доволно, но не премногу простор – има доволно простор за двајца возрасни патници да можат да патуваат во релативен комфор. Сепак, би кажал дека задните седишта првенствено се наменети за помлади патници на кои не им е потребно толку многу простор.

lexus-is300-interior-rear

ОК, сега кога завршив со зборување за екстериерот и ентериерот, да зборувам малку за технолошкото чудо кое всушност го придвижува Lexis IS300h. Под предниот поклопец се кријат 2.5-литарски 4-цилиндерски бензински мотор кој испорачува 178 коњски сили, но и електромотор кој испорачува дополнителни 143 коњски сили. Вкупната, системска моќност на IS300h е 220 коњски сили. Интересно е што бензинскиот мотор го следи Аткинсоновиот циклус, наместо традиционалниот Ото-циклус. Благодарение на ова, се подобрува ефикасноста на моторот и се намалува потрошувачката.

lexus-is300-panel

Благодарение на комбинацијата на бензински и електричен мотор, Lexus IS300h F-Sport забрзува до 100 километри на час за 8.4 секунди, а максималната брзина е ограничена на 200 километри на час. Перформанси кои се задоволителни, но со оглед на изгледот на автомобилот, како да очекував повеќе – и тука пристигнуваме до (ако може така да се нарече) „Ахиловата пета“ на Lexus IS300h –неговиот CVT менувач. Накратко, CVT (кратенка од Continuously Variable Transmission) менувачот ја пренесува силата кон задните тркала, но со менување на степенот на пренос во реално време. Менувачот нема класични степени на пренос, туку може да се каже дека има бесконечно многу „брзини“. Од една страна тоа е одлично – моторот цело време работи во најефикасниот режим (или во режимот со најдобри перформанси, доколку тоа се побара од него), но од друга страна работи малку „неприродно.“ Звукот на моторот останува ист (бидејќи вртежите остануваат исти), но автомобилот забрзува. За нас што сме навикнати звукот на моторот да се менува заедно со брзината на движење, ова е малку несекојдневно.

lexus-is300h-front-dark

Од друга страна, Lexus IS може да работи во целосно електричен режим, при брзини до 50 километри на час. Се мачам да најдам зборови за да објаснам колку кул е ова. Влегувам во автомобилот, притискам едно копче и почнувам да се движам – во апсолутна тишина! Продолжувам да се движам низ град со типични градски брзини, и арогантно гледам кон сите други возачи бидејќи знам дека не трошам бензин и не загадувам воопшто! Прекрасно чувство!

lexus-is300h-motion

Низ град, IS e совршено комфорен. Има неколку различни режими на работа – вкупно четири – меѓу кои можете да одберете во зависност од вашите моментални побарувања. Во нормалниот режим, IS се однесува како секое друго возило. Комфорно и тивко, подготвено за голтање километри. Во ECO режимот на работа сета процесорка моќ, сите тие мали силиконски мозоци кои IS ги има прават некаква вуду магија и се концентрираат на намалување на потрошувачката. Префрлувањето од електричен во „бензински“ режим на работа е неприметен и бескрајно мазен – вистински премиум! Но сепак, вистинската забава започнува кога ќе префрлам во Sport или Sport+ режимите. Sport+ режимот ја зацврстува суспензијата, главниот инструмент се заменува со голем индикатор на вртежи, аудио системот пренесува поголем дел од звукот на моторот во кабината и автомобилот како да се подготвува да ги покаже своите атлетски потенцијали.

lexus-is300h-rear-side-low

Потенцијали, кои за волја на вистината – навистина ги има! Како што напоменав, погонот е кон задните тркала, а тежината е идеално дистрибуирана. Тоа значи дека кога ќе го вперите IS кон свиоци, тој се однесува максимално неутрално, а управувањето е брзо, директно и прецизно. Нема пренагласена тенденција ни кон подуправување ни кон надуправување, ниту пак навалување во свиоци. Да, со вистинска провокација задниот дел знае да „заигра“, но треба навистина да бидам груб со автомобилот за да успеам да го испровоцирам до тој степен. На отворен пат се однесува токму како што би очекувале – смирено и воздржано, но нè изненади бучавата која ја генерираа страничните ретровизори – не очекувавме толку бучава од автомобил кој е толку квалитетно изработен и толку добро изолиран. Ах, уште CVT менувачот да беше вистински подготвен да одговори на спортските побарувања и потенцијали кои IS300h ги има.

lexus-is300h-motion-rear

Од друга страна – импресионира економичноста на Lexus IS300h. Оставете го автомобилот во ECO режим и возете како што тој наложува – и можете да очекувате потрошувачка од околу 7 литри бензин во градски услови. Навистина импресивно за автомобил кој воопшто не е мал, а ни лесен. Истата бројка ќе ја постигнете и на отворен пат при брзини кои се во (или блиску до) легалните граници.

За безбедноста нема да зборувам многу – автомобилот доаѓа опремен со едно чудо воздушни перници и безбедносни системи. Доволно зборуваат и 5-те ѕвездички освоени на EuroNCAP тестирањата. Ќе го издвојам механизмот за автоматско подигање на поклопецот на моторот при евентуален судир со пешак, благодарение на кој IS300 има одлични резултати кога станува збор за заштита на пешаци.

lexus-is300h-euroncap

Значи – да заокружам. Lexus IS300h F-Sport е несекојдневен автомобил. Несекојдневен поради неколку различни причини – на прво место е дизајнот кој не само што се издвојува, туку отскокнува од традиционалната и (во споредба) конзервативна конкуренција. Несекојдневен е и поради целата технологија која е „набиена“ во толку компактно пакување, но несекојдневен е и поради електричниот режим на работа кој ви дозволува да гледате малку арогантно кон сите други возачи додека се движите во апсолутна тишина. Да, Lexus IS300h има некои свои недостатоци, но да бидеме реални – кога автомобил изгледа волку привлечно, кога изнудува волку многу внимание и кога нуди толку многу технологија и карактер, навистина е лесно да се „прогледа низ прсти.“ Храброста на Lexus, но и технолошката напреднатост е за почит, а јас можам само да бидам горд што ја имав можноста одблиску да го запознаам IS300h F-Sport.

  • 2.5-литарски бензински мотор, електромотор
  • Моќност (бензински мотор): 178 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент (бензински мотор): 221 Nm / 4200 вртежи во минута
  • Моќност (електричен мотор) 140 коњски сили
  • Вртежен момент (електричен мотор) 300 Nm
  • Системска моќност: 220 коњски сили
  • Максимална брзина: 202 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.4 секунди
  • Должина: 4665 mm
  • Ширина: 1810 mm
  • Висина: 14306 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2800 mm
  • Багажен простор: 450 литри
  • Потрошувачка: 4.9 (официјална, градска), 7.1 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Lexus IS300h F-SPORT – 52.500 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.