Серијата 8 на BMW беше автомобил кој можеше рамо до рамо да стои до најдобрите – но кога неговото производство заврши, никој не седна на неговиот Баварски трон.
BMW има историја на изработка на големи и брзи купеа, а највредното од нив е серијата 8. За прв пат оваа серија се појави во осумдесетите години како поскапа, побрза, понапредна од серијaта 6. Со тоа стана знаменосецот на BMW низ годините, но уште поважно – со овој модел BMW директно го нападнаа Mercedes Benz S class coupe на брутален начин – со многу коњски сили, многу капацитет и многу голема цена.
Во 1989тата година кога за прв пат се појави серија 8 на пазарот, цената беше 150.000 германски марки и воедно беше најскапото BMW било кога произведено. Ако се навратиме на цените во тие години 150.000 германски марки чинеше BMW M5 наполнета со опрема, или Porsche 911 со многу додатоци. Сериjaта 8 се појави под името 850i зад кое се криеше 5 литарски V12 мотор со 4 степен автоматски или 6 степен мануелен менувач преку кои се пренесуваа околу 300 коњски сили. Средствата потрошени за развој на овој модел се движеа во рамките на 1.5 милијарди германски марки.
Дизајнот на телото беше иновативно решен со помош на CAD (Computer Aided Design), a тестирањата беа вршени во воздушен тунел. Резултатот беше дизајн со 0.29 коефициент на отпор – големо подобрување од старата серија 6 која имаше 0.39.
Новите технологии од тоа време беа спакувани токму во 850i. Електричен сончев кров, електрични седишта со меморија, борд компјутер и ним сличните беа трендот. Задното потпирање беше решено со мулти-линк задна оска, а за прв пат во 850i се постави системот AHK (Active Rear-Axle Kinematics) – систем кој хидраулично ги придвижува задните тркала за да го подобри управувањето на возилото. Секако овој систем не спаѓаше во основната опрема. Во 850i беше едно од првите возила во кое се искористи системот „fly-by-wire“ за педалата за гас.
Изборот на мотори кој го имаа купувачите започна со 5 литарскиот V12. Се прошири со 4 литарски V8. На кратко во 1992ра година се појави и 3 литарски мотор, но веднаш беше повлечен истиот. Покрај слабата продажба која пред се беше диктирана од цената и големата потрошувачка BMW го предаде моделот 850i на својата M дивизија кое подоцна го запознавме како 850CSi.
850CSi веднаш стана врвот во својата класа со тјунираниот V12 мотор под предната хауба со 380 коњски сили. Секако идејата на M дивизијата беше да продолжат со своите модификации и во иднина да го извадат моделот М8 базиран на серијата 8. Тест возилото со името М8 излезе на тест патеките со мотор од 550 коњски сили. Оваа модификација значеше дека M8 веќе ги преместува своите цели од Mercedes кон Маранело односно кон Ferrari. Цената на производот беше далеку над предвидените бројки, па согласно одлуката за повлекување моделот остана без свој M претставник. Со тоа згаснаа и надежите на многу заљубеници во BMW за вистински М модел со 12 цилиндри. Гласините велат дека моторот потоа продолжи да се користи во McLaren F1.
Во 1997-ма година престанува увозот на серија 8 во Америка, а производството по 31.000 парчиња згаснува во Европа во 1999та година. Без наследник.
Подготви: Дејан Маликовски