Од неодамна Astra GTC можете да ја нарачате и со нов 1.6-литарски турбо бензинец кој испорачува одлични 200 коњски сили!
Благодарение на новиот 1.6 Ecotec мотор со директно вбризгување кој испорачува 200 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, Astra GTC забрзува до 100 километри на час за само 7.9 секунди и постигнува максимална брзина од 230 километри на час. Инженерите на Opel се горди на еластичноста на моторот, на кој му се потребни истите 7.9 секунди да забрза од 80 до 120 километри на час во петта брзина. Со 125 коњски сили по еден литар зафатнина, овој мотор е меѓу водечките во класата. Истовремено, новиот 1.6-литарски турбо мотор бара само 6.6 литри гориво на 100 изминати километри, а емисијата на штетни гасови изнесува 154 грама CO2 на изминат километар.
Истиот мотор ќе се нуди и во Zafira и во Cascada, а Astra GTC опремена со овој мотор во германија ќе чини од 25.250 евра.
Но, Opel има и со уште нешто да се пофали – благодарение на моделите Adam и Mokka, Opel го зголеми својот удел на Европскиот пазар! Моделот Adam е продаден во околу 21.000 примероци, а малиот SUV кој го носи името Mokka е продаден во околу 20.000 примероци. Пазарниот удел на Opel на Европскиот пазар е зголемен на 5.61%. Ние го возевме малиот Adam и бевме изненадени од неговиот шарм и можности за персонализација.
Фотографија: Opel / Дејан Маликовски