Веќе треба да ни е повеќе од јасно, дека дизајнот и тоа како продава. Се разбира, постојат многу примери кои го потврдуваат ова. Најсвеж пример ни доаѓа од престижната трикрака ѕвезда, која собра 5 награди за дизајн на реномираните награди “iF product design awards 2012”.
Овие награди за најдобри достигнувања во дизајнот датираат уште од далечната 1953 година, кога за прв пат биле доделени. Оваа година, 24-членото стручно жири имаше тешка задача при изборот на кој учествуваа преку 2000 кандидати. Но, и при сета таа конкуренција, силно засвети престижната трикрака ѕвезда која ги краси моделите кои се родум од Штутгарт.
Моделите кои се закитија со престижната награда се: Mercedes M-Class, SLS AMG Roadster, SLK и Concept A-Class. Небаре тоа не беше доволно, Mercedes ја собра наградата и со Smart electric mobility concept, поради иновативниот, еколошки пристап кон секојдневните сообраќајни проблеми. Сите добитници се истакнуваат со моќни дизајнерски ставови, во секоја соодветна категорија, со што симпатиите на судиите практично и не можеле да отидат во друга насока. Честитки за врвното достигнување!